Потрошив 120 денари за да сплетам детско капче за син ми - зошто веќе немам намера да го правам тоа, туку ќе одам да си купам?
Постојано сакав да го завршам, но покрај сите обврски, процесот се одолговлече, па за да го направам истото капче што за ќерка ми во карантинот го сплетев во еден ден, сега изгубив три месеци, откако син ми го посака истото...
Една од првите работи што ја научив од мајка ми и баба ми беше како да плетам. Речиси секоја зима мајка ми и баба ми слободното време го поминуваа во плетење.
Џемпери, калчунки, шалови, чорапи… Секоја зима по некој нов проект. Ми беше интересно тоа што го прават, па од мои 7 години побарав да ме научат како да плетам за да можам да им се приклучам.
Со текот на годините ова хоби прерасна во вистинска пасија. Често ми се случува да следам нови модели, да пребарувам нови техники на плетење, нови плетки – но за жал, не ми останува премногу време за тоа.
Пред две години во екот на карантинот сè уште не одев на работа, ретко излегувавме од дома, па со ќерка ми која тогаш имаше две и пол години одлучивме заедно да избереме зимско капче на интернет и да го сплетеме.
Самата си избра капче во форма на жаба и тогаш го направивме првото вакво капче.
Тогаш синот беше уште мало бебе, во најголемиот дел од денот спиеше, не одев на работа – па така во еден ден имавме ново зелено капче со очи како жапче, со розови обравчиња и уши.
Две години подоцна, сега, одам секој ден на работа, имам обврски околу две мали дечиња (2 и 4), обврски околу домот и искрено многу малку време ми останува за себеси, но како мајка речиси секогаш се обидувам да ги исполнам желбите на моите деца.
Синот и ќерката почнаа на почетокот на оваа сезона да се расправаат за зеленото капче во форма на жапче и решението беше едноставно – ќе направиме уште едно.
За претходното капче потрошив околу 120 денари за конец, а новото почнав да го правам од материјалот што ми остана. Имав и игли, така што за тоа не требаше да трошам пари, сѐ што ми требаше е малку повеќе слободно време.
Кон крајот на октомври започна приказната што се развлече цели три месеци.
Секој ден, по работа, откако ќе ги завршев обврските околу децата и семејството ми остануваше околу еден час да се посветам на овој проект и тоа само во оние денови кога очите не ми беа преморени од целодневната работа пред компјутер (затоа што за плетење ви треба добар вид и одморени очи).
Како и секое капче, така и ова го почнав со мало крукче, кое со додавање на нови котелци го ширев додека не ја добив саканата ширина, а потоа го обликував во форма на мала кошница и го плетев така сè додека не ја постигнав потребната длабочина.
За оваа основна работа, за која во минатото ми биле потребни околу 3 часа, овојпат потрошив 6 недели.
Како што реков, плетењето со уморни очи не е едноставно. Неколкупати морав да расплетувам, а дополнително во неколку наврати ќерката и синот успеаја да се заплеткаат во конецот, па дополнително неколку дена наместо да плетам, губев по еден час на расплетување конец.
Кон крајот на декември конечно успеав да го завршам капчето заедно со делот над ушите и остана така да стои за време на празниците.
Дури по завршувањето на новогодишните и божиќните празници најдов повторно време да се вратам на овој проект, па слободното време во два дена го потрошив на плетење и везење на сите останати делови: очињата, обравчињата, устата на жапчето и плетење на плетенките кај ушите и секако на финалниот раб на капчето.
Така заврши таа повеќемесечна авантура, по која едноставно дадов збор дека веќе нема ниту да помислам да плетам во деновите кога сум на работа и додека децата ми се сè уште мали.
Иако плетењето ме релаксира и ме исполнува и навистина се гордеам со проектите што ги правам, сепак сфатив дека на ова хоби можеби ќе му се вратам во некое идно време кога децата ќе бидат поголеми, а обемот на обврските ќе биде помал.
Особено затоа што во продавниците може да се најдат многу евтини капчиња, цените се пристапни и нема потреба времето што можам да го поминам со децата да го трошам на плетење на еден мал проект.
На крајот на краиштата, децата бргу растат, а загубеното време со нив е бесценето.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело