Катар е светлосни години пред нас: Ќе се гради ротирачки хотел на вода - сам генерира енергија и не загадува
Архитектонска фирма од Турција направи интересен концепт за ротирачки хотел, кој ќе се гради покрај брегот на Катар. Нивниот проект е еколошки – хотелот ќе користи соларна енергија и целта е да не прави никакво загадување на околината, а тоа е уште еден доказ дека Катар е светлосни години пред нас.
Турската архитектонска фирма Hayri Atak го претстави својот уникатен дизајн за ротирачки хотел кој ќе се гради покрај брегот на Катар. Хотелот ќе биде сместен на огромна кружна платформа која ротира и ќе биде опремен со 150 соби.
Просторот околу хотелот ќе биде исполнет со зеленило, внатре ќе има фонтана со водопад, а на најгорниот кат ќе има базени, спа-центар и теретана.
Од компанијата откриваат дека моментално се консултираат со експерти за да го направат хотелот што е можно поеколошки.
„Овој проект го следи мотото минимална загуба на енергија и создавање нула отпад. Бидејќи хотелот ќе се наоѓа на подвижна платформа, со ротирањето ќе генерира електрична енергија, а на гостите ќе им овозможи уникатно искуство“, велат од компанијата.
На покривот на хотелот ќе има систем за собирање дождовна вода која ќе се користи за наводнување на зеленилото. Покрај тоа, хотелот ќе се напојува со помош на соларни панели и ветерници, а ќе има и систем за генерирање електрична струја од брановите.
Од компанијата откриваат дека ќе вградат и систем за прочистување и користење на водата од океанот, но и дека хотелот нема да генерира никаков отпад и нема да ја загадува околината.
Дизајнот на хотелот е инспириран од формирањето на вртлозите во океаните, а во рок од 24 часа ќе прави една ротација околу оската.
Засега нема точен датум за отворањето на хотелот, но од компанијата се надеваат дека изградбата ќе заврши до 2025-та година.