За оние на кои им здодеа да работат од дома – канцеларија на тркала во Nissan комбе (фото)
Nissan претставија интересен концепт за возило што ќе им се допадне на сите кои сакаат да работат „од дома“, но не ја сакаат монотоноста - мобилна канцеларија сместена во комбе.
Поради пандемијата, огромен број луѓе ширум светот го искусија работењето од дома и додека за некои ова е вистинско уживање, на многумина веќе им здодеа монотоноста.
Ако и вие спаѓате во втората категорија, тогаш автомобилската компанија Nissan има одлично решение за вас – мобилна канцеларија сместена во комбе.
Nissan го претставија концептот за нивното ново возило, наречено NV350 Caravan Office Pod, кое е всушност канцеларија на тркала. Во задниот дел на комбето има биро и доволно простор да сместите стол, компјутер и сè што ви е потребно за работа.
Уште подобро е што внатрешноста се проширува, правејќи ја мобилната канцеларија уште поголема. Ако, пак, сакате да направите пауза од работа, можете да се релаксирате на покривот од комбето, кој е опремен со лежалка, како и чадор за сонце.
Мобилната канцеларија не е потполно нова идеја на Nissan. Во 2018-та, компанијата направи и мобилна работилница за столари, исто така сместена во комбе, во која има сè што ви е потребно за овој занает.
Засега „канцеларијата на тркала“ е претставена само како концепт, но кога ќе се земе предвид дека сè повеќе луѓе работат од дома, или бараат начин да работат додека патуваат, голема е веројатноста компанијата да почне да ги произведува и продава овие возила.
https://www.youtube.com/watch?v=qSyMUr7cRXg&feature=emb_title
Спирова С. | Црнобело / Фото: Nissan