6 техники за фарбање јајца кои можеби не сте ги пробале (ако ви здосадија обичните бои)
Сирена јајца или мозаик со лушпи во боја, јајца со крлушки со помош на фолија со меурчиња, јајца со уникатен ефект со помош на многу зејтин – пробајте неколку нови техники за велигденски јајца и збогатете ја кошничката со нешто поразлично од обичните еднобојни јајца или оние со декупаж.
Освен обичното бојадисување со боите кои се продаваат и легендарната декупаж техника, има уште неколку кои можеби не сте ги пробале, а ќе ви ја украсат кошничката.
Ако сакате да експериментирате со велигденските јајца, може да пробате некоја нова техника која досега можеби не сте ја знаеле.
Некои од оние кои ви ги нудиме во продолжение се брзи и лесни (за помрзеливите), а други може да ви одземат малку повеќе време.
Погледнете неколку техники кои вреди да ги пробате:
Јајца со крлушки во боја
На проѕирна фолија со меурчиња, ставете златна или боја по избор, изролајте го или директно завиткајте го јајцето – оставете кратко да отстои па одвиткајте.
Виножито јајце за мрзеливи
На алуминиумска фолија, во различни редови намачкајте повеќе различни бои, свиткајте ја фолијата, отворете ја, ставете го јајцето во неа, замотајте го и оставете да отстои кратко па одвиткајте.
Сирена или мозаик јајце со лушпи
За оваа техника ви се потребни еден сад со белка од јајце и еден сад со искршени лушпи од претходно обоено јајце, како и пинцета.
Земајте ја секоја лушпа засебно со пинцета, премачкувајте ја од долната страна со белка и лепете ја врз бело или обоено јајце со празнини измеѓу за подобар ефект.
Шарени јајца со салфета
Завиткајте го белото јајце во салфета и закачете штипка за облека во горниот дел.
Со пипети од различни бои за јајца, истурајте по неколку капки насекаде по јајцето, односно салфетата.
Кога целосно ќе го прекриете со боја, испрскајте со вода, оставете да отстои кратко и потоа одвиткајте.
Мермерни јајца со лушпи од кромид
Во најлонски чорап или газа, ставете го белото јајце во средина и насекаде по јајцето и околу него наросете ситни лушпи од кромид.
Завиткајте и зацврстете со ластиче и ставете ги јајцата во вода, во која ќе истурите прехрамбена или боја за јајца.
Оставете да отстојат (или варете ги во неа ако се живи), а потоа одвиткајте и исчистете од вишок лушпи.
Јајца со уникатен ефект со помош на зејтин
Белото јајце намачкајте го со дебел слој зејтин со помош на четка. Можете да го намачкате цело или во цик-цак линии на неколку места.
Ставете го јајцето во претходно растворена боја за јајца, неколкупати полевајте го со лажичка со бојата за подобро да фати и потоа извадете го.
Зејтинот не дозволува бојата да се задржи секаде и создава уникатен ефект.
М. М. | Црнобело