Работници умирале додека ги граделе стадионите - зошто Шакира и фудбалските фанови го бојкотираат Светското првенство во фудбал?
- Детали
- петок, 18 ноември 2022
По гласините дека многу работници загинале додека ги граделе стадионите, но и фактот дека Катар има историја со прекршување на основните човекови права, многу фудбалски фанови велат дека ќе го бојкотираат Светското првенство, а наводно дури и Шакира го откажала настапот поради ова. Во меѓуврме, кралското семејство од Катар бара целосна забрана за продажба на алкохол, само два дена пред почетокот на настанот.
Годинава во Катар ќе се одржи Светското првенство во фудбал кое треба да почне на 20-ти ноември, а ќе трае до 18-ти декември.
Иако ова е можеби најважниот фудбалски настан во светот во кој се вложуваат многу пари, само неколку денови пред почетокот, се јавија многу проблеми.
Откако Шакира, Дуа Липа, но и други музичари споделија дека ќе го бојкотираат настанот, сега се појавија гласини дека на првенството нема да се продава алкохол.
Наводно, кралското семејство од Катар врши притисок врз ФИФА да забрани продажба на алкохол на сите стадиони на коишто ќе се одржуваат натпреварите.
Доколку оваа забрана стапи на сила, ФИФА ќе мора да го прекрши договорот со Budweiser вреден неколку милиони долари.
Според The Times, штом се замешало и кралското семејство, голема е веројатноста алкохолот навистина да биде забранет.
Катар е конзервативна земја каде што алкохолот е забранет и обично се продава само во одредени хотели во Доха.
На почетокот изгледаше дека Катар го прифати фактот дека ќе мора да дозволи продажба на алкохол додека трае првенството.
Сепак, побара местата за продажба да не бидат на многу видно место, за што ФИФА мораше да се согласи.
Но, се чини дека сега и на стадионите нема да може да се купи алкохол, а според Daily Mail можно е да биде дозволена продажба само во таканаречените паркови за фанови.
Сепак, овие продажни места се соочени со многу критики поради екстремно високата цена на пивото и другите пијалаци.
Според планот пред гласините за целосна забрана, посетителите ќе можеа да купуваат алкохол, но само по 18:30 часот. Организаторите одвоиле и посебни места на кои посетителите кои испиле малку повеќе ќе мораат да одат да се отрезнат.
Во меѓувреме, голем број фудбалски фанови, но и некои познати личности, изјавуваат дека ќе го бојкотираат првенството поради историјата на Катар со прекршувањето на човековите права.
Во светските медиуми се појавија гласини дека многу работници, од кои дел доаѓале од други земји, биле експлоатирани за да се изградат стадионите за првенството.
Според DW, дел од овие работници дури и умреле поради премор и лошите, небезбедни услови за работа.
Истовремено, многу организации за заштита на човековите права ја обвинуваат земјата за дискриминација, па дури и малтретирање на луѓето кои се дел од ЛГБТ заедницата.
Овде постојат и бројни рестрикции за жените – мораат да бараат дозвола од машки родител или старател ако сакаат да патуваат, работат и да стапат во брак.
И слободата на говор е мошне ограничена во Катар.
Од познатите личности, меѓу првите кои почнаа да го бојкотираат настанот беше британската рок-ѕвезда Род Стјуард. На пејачот му биле понудени речиси 1 милион евра за да настапува на првенството, но тој одби со изјава:
„Не е во ред да бидам таму“.
Неодамна и Дуа Липа сподели дека ќе го бојкотира настанот, откако се појавија гласини дека ќе настапува:
„Има многу шпекулации дека ќе настапувам на отворањето на првенството во Катар. Нема да настапувам и не сум преговарала за тоа.
Ќе навивам од Англија, оддалеку, и се надевам дека ќе можам да го посетам Катар кога ќе ги исполни сите ветувања поврзани со човековите права што ги даде кога го доби правото да биде домаќин на Светското првенство“.
Шакира, која веќе има настапувано на неколку Светки првенства, требало да настапува и овојпат, но набрзо откако веста излезе во јавност, пејачката се соочи со многу критики.
Набрзо потоа, неколку шпански меидуми споделија дека Шакира сепак нема да настапува и, според нив, допрва треба да го изнесе својот став во врска со целата ситуација.
Спирова С. | Црнобело