Кој ја доби Нобеловата награда за мир за 2019-та?
- Детали
- понеделник, 14 октомври 2019
Целиот свет со нетрпение очекуваше да дознае кој ќе биде следниот добитник на Нобеловата награда за мир.
Додека повеќето очекуваа наградата да ја добие 16-годишната активистка Грета Тунберг, наградата сепак му припадна на премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед.
43-годишниот политичар беше еден од фаворитите за овогодишниот избор, а ја доби наградата поради решавањето на конфликтот со соседната Еритреја.
Неодамна, Абиј доби и честитки за неговата помош во Судан, после политичката криза која резултираше со апсењето на Омар ал-Башир, кој владееше со државата речиси 30 години.
Иако многумина очекуваа победничка да биде Грета, од комисијата одбија да коментираат зошто наградата не ѝ припаднала неа.
Ова е 100-тото доделување на Нобеловата награда за мир, а оваа година имаше 301 кандидат. 223 од кандидатите беа личности, а останатите 78 организации.
Многумина сметаат дека Абиј навистина ја заслужил наградата.
„Мислам дека она што Абиј го направи со проблемот со Еритреја беше навистина храбро и неверојатно. Мислам дека многу луѓе сметаат дека она што го направи, заслужува признание. Двете држави повеќе не војуваат. Семејствата се обединети бидејќи помеѓу двете држави сега има авионски летови. Врските што биле раскинати 20 години, сега се обновени“, изјавил Авол Ало, професор на Универзитетот Keele во Велика Британија.
Имињата на номинираните нема да бидат откриени 50 години, но сите знаеме дека во трката за наградата учествуваше и Грета. Грета го привлече вниманието на целиот свет, особено изминатиот месец, откако им се обрати на лидерите на Обединетите нации.
Минатата година, наградата за мир ја доби Надија Мурад, која била заробена од ИСИС, како и доктор Денис Муквеге од Конго. Претходно, оваа награда ја има добиено и Барак Обама.