Кој е пејачот што загина во трагедијата во дискотеката во Доминиканската Република?
- Детали
- среда, 09 април 2025
Руби Перез (69) првично имал амбиција да стане бејзбол играч, но сообраќајна несреќа, што предизвикала трајни оштетувања на неговата нога, го насочила кон музиката. Станал еден од најпознатите пејачи во Доминиканската Република. Сопругата ја изгубил во 2022 година, а сега неговата ќерка Зулинка Перез го загуби и татка си. Руби бил огромен хуманитарец.
Вчера (8-ми април) пејачот Руби Перез трагично го загуби животот, кога се сруши покривот на дискотеката „Џет Сет“ во Санто Доминго.
Руби Перез, роден како Роберто Антонио Перез Ерера на 8 март 1956 година во Бајос де Хаина, Доминиканската Република, загина во страшната трагедија во која има 98 починати.
Руби бил истакнат пејач на меренге музиката.
Меренге е традиционален музички жанр и танц кој потекнува од Доминиканската Република. Тој е еден од најпознатите и најрепрезентативни музички стилови од Карибите и Латинска Америка.
Руби првично имал амбиција да стане бејзбол играч, но сообраќајна несреќа што предизвикала трајни оштетувања на неговата нога го насочила кон музиката.
Студирал на „Националниот конзерваториум за музика“ во Санто Доминго, каде што ги усовршил своите вокални способности.
Во 1978 година, Перез ја започнал својата професионална кариера, настапувајќи со неколку музички групи, а неговата слава се зголемила во 1982 година кога се приклучил на оркестарот на Вилфридо Варгас, каде што придонел за доста хитови (како „El Africano“ и „Volveré“).
Во 1987 година, Перез започнал соло кариера, која била обележана со бројни награди, вклучувајќи златни и платинести плочи во Венецуела и неколку врвни награди во Доминиканската Република.
Покрај музичката кариера, Перез бил познат и по својата хуманитарна работа. Во 2010 година, добил признание за неговата помош на жртвите од земјотресот на Хаити.
Руби Перез бил оженет со Инес Лизардо од 1974 година сè до нејзината смрт во 2022 година.
Заедно ја добиле ќерката по име Зулинка Перез.
По трагичниот настан во ноќниот клуб, Зулинка изрази загриженост за својот татко, кој, потоа, за жал, беше потврдено дека е една од жртвите во несреќата.
Според пишувањата на странските медиуми, тој пеел за да го пронајдат спасувачите. Тие го нашле, но, за жал, потоа им подлегнал на повредите.
Прочитајте и Детали за трагедијата во дискотеката во Доминиканска Република: Над 98 загинати, пејачот пеел за да го најдат под урнатините
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





