Осуден монструмот што ја дрогирал сопругата и викал мажи да ја силуваат: Вкупно 441 година затвор за него и силувачите
- Детали
- четврток, 19 декември 2024
Сопругот на Жизел Пелико од Франција кој ја дрогирал и викал мажи да ја силуваат, доби 20-годишна казна затвор. Затворски казни добија и сите силувачи кои беа изведени пред суд, во траење од 3 до 15 години. Храбрата Жизел вели дека ја почитува одлуката на судиите, но јавноста негодува дека казните се премали.
Французинката Жизел Пелико се претвори во феминистичка икона откако одлучи судењето на нејзиниот сопруг-монструм да се одвива јавно.
Жизел, која неколку децении била жртва на силување од страна на мажи што ги наоѓал нејзиниот сопруг, сега е симбол за борбата против сексуалното насилство.
Сопругот ја дрогирал Жизел со разни лекови и викал мажи во нивниот дом за да ја силуваат. Силувањата ги снимал, а некогаш ги споделувал снимките со други мажи.
Грозоморниот случај веќе е нарекуван историски и денес, на последниот ден од судењето, конечно беше изречена и пресудата на напаѓачите.
Јавноста дозна за случајот кон средината на 2024-та, кога се откри дека можеби стотина мажи ја злоупотребиле несвесната Жизел.
Нејзиниот сопруг веднаш призна вина, а денес му беше изречена 20-годишна казна затвор.
Пред суд беа изведени 51 маж, од кои сите беа прогласени за виновни – 47 за силување, двајца за обид за силување и двајца за сексуален напад.
Сепак, надлежните веруваат дека има многу повеќе виновници кои не можат да ги идентификуваат или фатат. Што значи, во план е и друго судење доколку се допре до останатите силувачи.
Затворските казни што ги добија силувачите се движат од 3 до 15 години.
Но, ова разгневи дел од јавноста.
Уште додека траеше судењето во францускиот град Авињон, пред судницата имаше демонстранти кои скандираа „Срам за правдата“.
Сепак, Жизел изјави дека ја почитува одлуката на судиите.
„Го почитувам судот и нивната одлука.
Уверена сум дека општеството ќе може да создаде иднина во која жените и мажите ќе можат да живеат во хармонија и меѓусебно разбирање“.
Жизел не ја испушти можноста да се заблагодари за огромната поддршка што ја доби од луѓе од целиот свет, а им се заблагодари и на адвокатите и организациите кои им помагаат на жените жртви на семејно насилство.
„Најмногу мислам на моите три деца и моите внуци, бидејќи тие се иднината.
Мислам на жртвите кои остануваат непознати и чии случаи никогаш не излегуваат на виделина.
Благодарна сум на начинот на кој новинарите известуваа за она што се случуваше во судницата.
Сакам да им се заблагодарам на сите кои ме поддржуваа во овие тешки времиња“.
Адвокатот на Жизел изјави дека во наредните десет дена таа можеби ќе поднесе приговор за изречените казни, но не сподели други детали.
Сепак, голем дел од јавноста стои на ставот дека казните се премали за вакво злосторство.
Вкупната казна за сите мажи е 441 година, додека обвинителите првично побарале вкупна казна од 652 години.
Прочитајте повеќе: Сопругот ја дрогирал и викал мажи да ја силуваат: Детали за грозоморниот случај на храбрата Жизел од Франција
Спирова С. | Црнобело