TEMU повлече од продажба детски дуксери опасни по живот: „Се топат на телото при допир со топлина“
- Детали
- вторник, 19 ноември 2024
„Дуксерот е изработен од толку многу пластика, што буквално се стопи врз телото на ќерка ми, при допир со оган“ – вели мајката која мислела дека ќе ја израдува ќерката со светлечки дуксер од TEMU, а последните неколку месеци ги поминува во болница, борејќи се за нејзиниот живот.
Детските дуксери што светат во темница, навидум изгледаат како вистински подарок што ќе го израдува секое дете, но компанијата TEMU мораше да ги повлече од продажба, откако девојче во Австралија се здоби со сериозни повреди.
Имено, евтините дуксери изработени од полиестер и пластика со доближување до оган или извор на топлина многу лесно може да се запалат, а произведувачот на нив нема ставено соодветни предупредувања.
Даниела Џејкобс Херд (8) во јули годинава, со семејството уживала во камперски оган, кога силен ветер дувнал неколку искри врз дуксерот од TEMU што го носела.
Облеката целосно се запалила, а девојчето се здобило со сериозни изгореници, при што 13 отсто од нејзината кожа била изгорена.
„Дуксерот е изработен од толку многу пластика, што буквално се стопи врз нејзината рака и градите, а ќерка ми има и изгореници на лицето“ – појасни мајката во изјава за медиумите, која даде сериозно предупредување за евтината облека на TEMU.
Девојчето по инцидентот веднаш било пренесено во болница.
Тоа, по првичните хируршки зафати, ќе треба да помине уште неколку операции, а целиот живот ќе треба да живее со лузни на телото.
„Буквално дувна мало ветре и го насочи огнот кон неа, па дуксерот се стопи и ја обви во пластика“ – појаснува мајката.
По инцидентот со девојчето, властите во Австралија наредија повлекување од продажба на проблематичните дуксери, а TEMU издаде соопштение во кое побара сите купувачи што веќе набавиле вакви дуксери да ги уништат.
Притоа, производителот на дуксерите Sunshine Towels најави целосно враќање на парите што купувачите ги платиле за опасните дуксери.
Станува збор за дуксери со еднорози во розова и виолетова боја и дуксери со вселенски мотиви, коишто светат ноќе, па навидум изгледаат како совршени за децата.
Проблематичните дуксери се продаваат под имињата Pink Rainbow Unicorn, Purple Rainbow Unicorn, Blue Dinosaur и Space Planet.
За потсетување, TEMU е кинеска онлајн продавница која брзо го освои светот, благодарение на евтините цени и добрата маркетинг стратегија.
Освен во Австралија, предупредувања беа издадени и во Велика Британија, каде што било откриено дека некои производи може да содржат огромни количества на тешки метали и затоа ги замолија потрошувачите да бидат внимателни при изборот на производи од TEMU, посебно за деца.
Прочитајте и Што е TEMU и зошто се крена толку голема прашина за неговото влегување на пазарот во Македонија?
Б. С. Б. | Црнобело