Што е TEMU и зошто се крена толку голема прашина за неговото влегување на пазарот во Македонија?
- Детали
- петок, 15 ноември 2024
Ниски цени, голем избор на најразлични производи, дополнителни купони и можности за попусти… Сето ова направи кинеската компанијата TEMU за неколку месеци да стане една од најпопуларните во светот, а конечно ќе пристигнат и првите пратки во Македонија. Што е TEMU и зошто го освои светот?
Доволно е да отворите некои од македонските групи на Фејсбук каде што се споделуваат искуства за онлајн нарачки, сигурно ќе забележите голем број објави и прашања поврзани со TEMU.
Голем број Македонци со огромна радост ја прифатија веста дека TEMU почна да испорачува пратки и кај нас, а веќе е организиран и поштенски сервис кој треба сигурно и безбедно да ги достави пратките на ваша адреса.
Но, што е TEMU и зошто постои толку голем интерес за него?
TEMU e кинеска онлајн продавница слична на AliExpress, која била основана во јули 2022-ра година.
Но, за само неколку месеци, компанијата успеа масовно да се пробие на американскиот и европскиот пазар.
Така, според Time магазинот, до декември 2022-ра година, нивната апликација за мобилен телефон била една од најчесто симнуваните во период од само неколку месеци.
Според BBC, пак, TEMU создава зависност слична на шеќер и едноставно не можете, а да не нарачате нешто од веб-страницата.
Што е она што ја направи TEMU една од најпопуларните компании?
Доколку ја отворите веб-страницата на компанијата, ќе сфатите дека таа во голема мера е слична на AliExpress, но разликата е во цените.
На одредени продукти има редовни попусти и до 40 отсто, па така можете да нарачате голем број производи по многу ниски цени.
Ако се прашувате што продава TEMU, тогаш подобро е да се прашате, што не продава…
Облека, козметички производи, накит, домашни декорации, електроника, мали куќни апарати и сето тоа по значително поевтини и попристапни цени од конкуренцијата.
Дополнително, можете да добиете уште поголеми попусти ако го свртите тркалото на среќата или ако добиете купони за попусти…
Сосема логично, голем број од Македонците уште на самиот почеток на работењето на компанијата почнаа да се распрашуваат по форуми како може да нарачаат од оваа компанија и сами се снаоѓаа за достава.
Но, со најавата дека компанијата конечно ќе почне да испорачува во Македонија голем број Македонци се заинтересирани.
Коментарите на социјалните мрежи се најразлични.
Некои се уверени дека TEMU ќе успее целосно да го истисне од нашиот пазар гигантот AliExpress, пред сè заради агресивниот маркетинг, поповолните цени, политиката за враќање на пратките и секако заради побрзата достава – нешто за што AliExpress беа озлогласени.
Други, пак, сметаат дека квалитетот на робата што се испорачува е понизок од онаа на конкуренцијата и дека во моментов TEMU е интересен само затоа што е нова опција на пазарот, но дека со текот на времето возбудата ќе спласне.
Дали TEMU ќе го повтори успехот и во Македонија и ќе успее да се пробие на нашиот пазар, останува да видиме, но факт е дека компанијата е топ тема на социјалните мрежи, а голем број Македонци веќе ги споделуваат искуствата од услугите.
Б. С. Б. | Црнобело