„Чувам кукли кои личат на бебиња, како Бритни Спирс – и мене ме исмејуваат, но сакам да се грижам за нив“
- Детали
- четврток, 24 април 2025
Жена од Австралија почнала да чува реалистично изработени кукли кои личат на бебиња откако нејзините ќерки пораснале. Вели дека ги третира куклите како вистински бебиња – ги облекува, ги бања, ги шета – и дека и покрај критиките, не планира да се откаже од по малку бизарното хоби.
Периодов Бритни Спирс сè почесто ги загрижува фановите со своето однесување, а последно пејачката беше забележана во Мексико со кукла завиена во ќебе.
Ова не е првпат Бритни да се однесува бизарно со кукла – во 2021-ва, таа сподели видео во кое држи кукла, а во описот рече дека „родила бебе“.
Наводно, ваквите кукли се изработуваат рачно и е бизарно колку многу наликуваат на вистинско бебе. Познати се како reborn (прероден), биле доста популарни и нивната цена достигнува и 20.000 долари.
И Кеjти Прајс се има пофалено со ваква кукла, а на фотката на којашто ја држи пишува:
„Вечерни прегратки со моето момче“.
Сега, за британскиот The Mirror, жена од Австралија вели дека и таа ги сака овие кукли и дека има колекција од дури 250, а истакнува дека исто како Бритни, и неа ја исмејуваат и ѝ велат дека нејзината опсесија се граничи со бизарност.
„Кога моите ќерки беа мали, уживав во секој момент – кога им менував пелени, им облекував слатки фустанчиња, ги нишкав за да запијат.
Кога пораснаа, ми недостасуваше сето ова. Но, на мојот 40-ти роденден, ќерките имаа одлично решение.
На денот на роденденот, некој затропа на врататa и истрчав да ја отворам. Немаше никој, освен голема кошница оставена на прагот. Се наведнав, го тргнав ќебето од кошницата и го видов најслаткото мало лице.
Имаше и порака на која пишуваше ’Јас сум Изабела, ќе се грижиш ли за мене?‘
Ќерките ми го оставиле подарокот пред врата и се скриле, па кога ја кренав куклата, само се појавија и извикаа ’среќен роденден‘“ – раскажува Силвија од Австралија.
Оттогаш, таа си купила и други кукли, па сега за себе вели дека е „мајка на 250 бебиња“.
Силвија, која денес има 50 години, решила опсесијата со реалистичните кукли да ја претвори и во бизнис.
„Се запишав на курс и таму ја направив мојата прва кукла, Сели. Кога ја зедов во раце, знаев дека сакам да продолжам да правам вакви кукли.
Си отворив своја компанија, па сега и за себе можам да правам куклите да изгледаат како што јас сакам. Ќерките ми помагаат да ги облекувам и да ги бањам – ги третирам како вистински бебиња“.
Силвија вели и дека секој ден ги шета куклите.
„Не може цел ден да бидат затворени дома. Секојпат изнесувам различна кукла. Ја носам на плажа, на кампување, на кино, во ресторани…“
Таа додава дека иако некои луѓе ја исмејуваат и критикуваат, куклите ја правеле среќна.
Истовремено, сфатила дека куклите што ги прави им носат радост и на други луѓе.
„Имам многу нарачки од луѓе кои ги користат како терапија. Имам пријатели кои не ја разбираат мојата страст, но јас си ги сакам куклите.
Можат да донесат многу среќа. Дури им помагаат и на пациенти со Алцхајмер да си вратат дел од сеќавањата.
Моите ќерки сега не живеат со мене, но тие секогаш ќе ми бидат на прво место. Сепак, имам посебна конекција и со моите кукли“.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





