„Дечко ми ме викна и потоа го однесе бран - телото го најдоа по неколку месеци“: Петра Немцова се потсети на цунамито во 2004-та
- Детали
- недела, 29 декември 2024
„Сè се случи во секунда. Погледнав низ прозорецот и во следниот момент огромен бран го покри бунгаловот. Го слушнав Симон како ме вика - тоа беше последен пат кога го слушнав неговиот глас“, вели манекенката Петра Немоцова, чиј дечко беше еден од 230.000 луѓе кои загинаа во цунамито.
Една од најбараните манекенки на почетокот на 2000-тите години, Петра Немцова, е меѓу преживеаните во цунамито што се случи на Индонезија на 26 декември 2004 година, а во кое загинаа околу 230.000 луѓе, меѓу кои и нејзиниот дечко.
По земјотресот со јачина од 9,1 степен според Рихтер, кој имаше епицентар близу Индонезија, се создаде огромно цунами, а бранот погоди 12 земји, меѓу кои и Тајланд.
Таму беше манекенката Петра Немцова (45) со својот дечко, кој загина во разорното цунами. Петра, пак, повредена, 8 часа се држела за дрво, додека не ја спасиле.
Неодамна, пред 20-годишнината од несреќата, таа за магазинот People го раскажа своето потресно сведоштво од денот кој засекогаш ѝ го промени животот.
На 26 декември 2004 година, Петра и нејзиниот дечко, Симон Атли, го завршуваа својот одмор во Тајланд.
„Појадувавме, а потоа прошетавме на плажата. Божиќните денови ги поминавме среќни, уживајќи во моментите на одмор. На два часа до летот, ги пакував работите во бунгаловот.
Сè се случи во секунда. Погледнав низ прозорецот и сфатив дека нешто не е во ред, а во следниот момент огромен бран го покри бунгаловот.
Го слушнав Симон како ме вика, но тоа беше последен пат кога го слушнав неговиот глас“, вели таа.
Телото на Симон било пронајдено неколку месеци подоцна, додека Петра едвај преживеала.
„Во еден момент повеќе не можев да дишам под водата. Си помислив: Ова е крајот. Се препуштив на моментот.
Но, тогаш се случи чудо - повторно го видов небото над мене“, се присетила таа.
Успеала да се фати за палма и да остане на неа осум часа и покрај тешките повреди и болките во карлицата.
„Слушнав детски крик, но набрзо завладеа тишина. Не можев да му помогнам“, раскажала манекенката.