Снег во Хрватска, поплави низ Централна Европа – морничави фотографии и видеа од циклонот Борис
- Детали
- понеделник, 16 септември 2024
Викендов земјите од Централна Европа се соочија со поројни дождови и поплави какви што немало со децении. Штетата е огромна, а има и загинати.
На 13-ти септември, во Хрватска падна првиот снег, под влијание на циклонот „Борис“.
За време на викендот, циклонот зафати голем дел од Централна Европа, а уште пред да почнат обилните врнежи, надлежните од земјите од оваа област изјавија дека се подготвуваат за најголемите поплави во изминатите неколку децении.
Иако циклонот се доближи до Балканот, за среќа не претставуваше закана за Македонија, но предизвика огромна штета во Полска, Романија, Австрија, Чешка, Унгарија и Словачка.
За период од 24 часа, наврна дожд колку за цел месец и многу делови од спомнатите земји се поплавени, а има и жртви.
Според информациите до 16-ти септември, во Полска се удавила една личност, во Романија загинале двајца, додека во Австрија загинал пожарникар.
Оштетени се илјадници домови, евакуирани се бројни луѓе, а само во Полска, над 17.000 жители останале без електрична енергија.
Надлежните ги опишуваат поплавите како „катастрофа од епски размери“.
Во Австрија, пак, во планинската област Тирол, има снежна покривка од скоро еден метар, што е невообичаено за овој период од годината, особено кога ќе се земе предвид дека пред само една недела, тамошната температура се искачуваше и до 30 степени Целзиусови.