Боби од Скопје по поплавите во Дубаи: „Имаше предупредување да не се излегува од дома, колешка ноќеска преспала во мол“
- Детали
- среда, 17 април 2024
„Веќе се расчистува, сончево е. Сите работат од дома, нема паника кај населението, барем не кај што живеам, функционира сè иако малку отежнато. Продавниците се полни со луѓе зашто не работат службите за достава на храна. Но, ние сме виделе многу поголеми дождови во Скопје“, вели Боби кој долги години живее во Дубаи.
Скопјанецот Боби, кој скоро 10 години живее и работи во Дубаи, е еден од многуте Македонци кои беа сведоци на вчерашните дождови и поплави кои го зафатија градот и предизвикаа колапс во сообраќајот, но и нормалното живеење на градот.
За CRNOBELO.com, Боби вели дека дождот бил силен, но дека во Скопје имаме видено многу поголеми дождови.
Тој додава и дека властите претходно издале предупредување луѓето да не излегуваат и да работат од дома.
Вели дека времето денес е сончево и дека работите се враќаат во нормала, а ни испрати и неколку фотографии од неговата населба и како изгледа градот во моментов:
„Некако навикнавме периодов од дождови, и знаеме дека од секој мал дожд знае да се направи хаос, бидејќи уште го немаат решено проблемот со атмосферската канализација (пустински регион - не ја планирале), па водата најчесто се испумпува рачно.
Сме виделе и поголеми дождови кај нас, ама според метеоролозите, Дубаи не памти поинтензивен дожд во последниве 75 години.
За да се избегне поголема штета, државата испрати известувања да не се оди на работа вчера, а и денес исто.
Е, сега, тие што оделе - заглавиле. Исто така, летовите се откажани само поради тоа што многу вода се задржувала по пистите.
Моја колешка синоќа преспала во Dubai Mall, бидејќи немала никаков превоз и пристап до дома.
Сè на сè, има штети, но човечки жртви за среќа нема (барем за сега).
Емиратите веројатно ќе мора да преземат нешто за да не се случува истото и во иднина, а тоа е да ја средат таа атмосферска канализација.
Сè додека тоа не го решат, ќе полнат насловни по светските медиуми.
Денеска времето се расчистува, моментално е супер сончево.
Сите работат од дома, нема некоја паника кај населението, барем не кај мене кај што живеам, си функционира сè, малку отежнато ама се одглавува.
Јас пред малку бев во продавница и продавниците се преполни со луѓе бидејќи не работат службите за достава на храна.
Пак ќе повторам - ние сме виделе поголеми дождови во Скопје. Ама тука малку поинтензивен дожд и се полни градот.
Очекувано беше, барем за тие што веќе подолго живеат тука“.
Прочитајте и Апокалиптични сцени од поплавата во Дубаи: Гарнитура лета од тераса, луѓе се кријат на аеродромот (фото+видео)
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело