Ледениот човек Вим Хоф се соочува со тужби: „Ќерка ми умре бидејќи го проба неговиот метод - влегување во студена вода“
- Детали
- понеделник, 24 јуни 2024
Терапијата со студена вода на Вим Хоф, познат и како Ледениот човек, стана мошне популарна ширум светот, но сега британски новинари велат дека откриле 11 смртни случаи поврзани со неговиот метод кој вклучува и влегување во многу студена вода.
Вим Хоф е познат како Ледениот човек (Iceman) бидејќи може да поднесе екстремно ниски температури.
Истовремно, тој тврди дека со неговите методи, кои вклучуваат капење во студена вода, можат да се излечат болести како рак, дијабетес и артритис.
65-годишнит Холанѓанец верува дека неговата таканаречена терапија со студена вода е решение за многу проблеми со здравјето.
А, самиот почнал да ја практикува по трагичното самоубиство на неговата сопруга во 1995 година.
Методите на Вим Хоф вклучуваат техники за дишење и изложување на ниски температури, најчесто влегување во студена вода.
Засега нема научни докази кои ја потврдуваат ефикасноста на овие методи, но тој сепак има 3,5 милиони следбеници на Инстаграм кои ги следат неговите совети.
Истовремено, за неколку медиуми, вклучувајќи и Live Science, експерти предупредуваат дека за некои луѓе кои имаат здраствени проблеми, овие техники можат да бидат опасни.
Сега, пак, новинари од реномираниот британски медиум The Times направиле истрага со која наводно потврдуваат дека неколку луѓе го изгубиле животот следејќи ги советите на Вим Хоф.
„Вим Хоф започна глобален тренд за здравје и инспирира стотици луѓе да го копираат.
Но, нашата истрага откри 11 случаи каде што семејства тврдат дека нивни сакани починале по изведување на методот за дишење на Хоф, или слична техника, со терапија со студена вода“, пишува во колумната.
Новинарите се повикуваат на истражување на професор од Универзитетот во Портсмаут во Англија:
„Професор Мајк Типтон, кој 40 години ги проучува ефектите на студената вода врз телото, откри дека кај младите и здрави луѓе постои можност од 1 до 3 проценти да се соочат со срцева аритмија кога се во студена вода“, пишува во колумната.
Но, наводно, ако го држеле воздухот пред да влезат во вода, оваа можност се зголемувала на 63%.
Од друга страна, Вим Хоф ги негира обвиненијата, а со неговиот син истакнуваат дека ако некој користел нечии други методи за терапија со студена вода, тогаш самиот се изложува на ризик.
„Забележавме дека се зголемува бројот на тренери за терапија со студена вода кои немаат никаква врска со нас.
Многу од овие тренери не ги следат строгите протоколи за здравје и безбедност, а ова е загрижувачко“, велат тие.
А, според колумната на The Times, се чини дека дел од луѓето кои починале сепак немале директна соработка со Вим Хоф, туку со луѓе кои тврделе дека го користат и подучуваат неговиот метод.
Една од починатите е Кели Пул која првпат пробала терапија со студена вода во 2022 година.