И во Македонија се игра хокеј
- Детали
- вторник, 23 август 2011
Иако нашата мила Македонија е поднебје на коешто спортовите мака мачат за да опстојат, младите тинејџери полни со ентузијазам ни доаѓаат со...
...една поинаква, необична и интересна приказна.
Станува збор за момците и девојките од Хокеарскиот клуб "Стик 2007", кои веќе 4 години се занимаваат со овој спорт и прераснуваат во една сериозна закана за екипите од другите држави.
Иако тинејџери, македонските хокеари можат да се пофалат со доста добри резултати како трето место на меѓународниот турнир во Бугарија за деца до 18 во 2006, второ место на меѓународниот турнир во Македонија за деца до 18 години во 2009 и прво место на меѓународниот турнир во Македонија во 2011.
Во разговорот со членови на клубот можевме да го забележиме нивниот силен ентузијазам, желбата и стремежот да се биде најдобар. Иако поинаков, сепак тие велат дека хокејот е интересен олимписки спорт, брз, динамичен, но и по малку опасен, со многу строги правила. Спорт кој нуди многу можности како и спорт со којшто еден ден може да се учествува на олимпијада.
После летните одмори и високи температури, македонските хокеари се враќаат повторно на терените кадешто напорно ќе се припремаат за балканското првенство во Турција. Ние можеме само да се приклучиме кон нивниот ентузијазам, да им посакаме многу успех и среќа и дај боже еден ден да го обелат македонскиот образ со медал на олимпијада.
Никола Буџак