Починатиот кошаркар Дражен Петровиќ се „појави“ и прозборе преку холограм - публиката плаче и пее „Како је добро видети те опет“
- Детали
- петок, 06 септември 2024
Најемотивниот момент се случи кога во кошаркарската сала почнаа да излегуваат златните момци на хрватската репрезентација, меѓу кои Тони Кукоч и Дино Раѓа, а потоа преку компјутерски направен холограм, во салата „дојде“ и Дражен Петровиќ, кој ѝ се обрати на публиката.
Вчеравечер (05.09) во Загреб се одржа кошаркарски спектакл во чест на легендарниот Дражен Петровиќ, кој ја остави без зборови публиката во салата, но и целата спортска јавност.
Во чест на легендата на југословенската кошарка, се одигра ревијален натпревар помеѓу хрватската репрезентација и тимот „Дражен Петровиќ“.
Овој тим беше составен од ѕвезди од европските лиги, а меѓу нив беше и нашиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ.
Но, помеѓу бројните спортски моменти, имаше и многу емоции.
Најемотивниот момент се случи меѓу третата и четвртата четвртина, кога на теренот пред неколкуилјадната публика, еден по еден почнаа да излегуваат кошаркарите на хрватската репрезентација кои играа во финалето на Олимпијадата во Барселона 1992.
Па откако спикерот ја најави златната генерација на хрватската кошарка, меѓу кои Тони Кукоч и Дино Раѓа, го прочита и името на Дражен.
Во тој момент во салата настана молк и сите беа во исчекување.
Во салата се спушти големиот семафор и таму преку холограм се појави Дражен, облечен во дресот на хрватската репрезентација, па им се обрати на присутните.
„Мило ми е што ве гледам во толку голем број и што сум рамо до рамо покрај златните момчиња со кои играв против американскиот дрим-тим во Барселона“, кажа Дражен преку холограмот.
По ова во салата се слушна хитот на „Нови фосили“, „Како је добро видети те опет“, по што сите присутни запеаја во еден глас, а имаше и такви кои се расплакаа.
Меѓу нив беше и семејството на Дражен, мајката Бисерка и братот Александар.
На крајот, тимот на Дражен ја победи Хрватска со 110:107.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело