Елиф Елмас потпиша за Торино: „На ваше барање, Македонецот е пак во Италија“
- Детали
- четврток, 30 јануари 2025
Пред да го обелоденат името на Елмас, од клубот споделија фотографија од овошна салата како навестување до фановите за кого станува збор, алудирајќи на тоа дека oвошната салата во Италија се продава и под името „салата Македонија“.
Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас по една година се враќа во италијанската Серија А, откако денес потпиша договор со екипата на фудбалскиот клуб Торино.
Елиф доаѓа во Torino на позајмица од екипата на Лајпциг.
Италијанскиот клуб, доколку покаже интерес, летово ќе може да го откупи договорот на Елмас од германската екипа за 17 милиони евра.
Доаѓањето на Елиф предизвика бура на реакции меѓу фановите на нашиот фудбалер.
И од клубот не ја криеја возбудата што Елмас ќе игра за нив во наредните неколку месеци, па на социјалните мрежи објавија неколку фотографии и видеа за да го одбележат неговиот прв ден во Торино.
„На ваше барање, повторно во Италија“, пишува на едно од видеата објавени на Инстаграм.
Пред да го обелоденат неговото име, од клубот споделија фотографија од овошна салата како навестување до фановите за кого станува збор, алудирајќи на тоа дека oвошната салата во Италија се продава и под името „салата Македонија“.
„Чест и задоволство ни е што можеме да објавиме дека го комплетиравме трансферот на Елиф Елмас од Лајпциг, на привремена база, но со опција за перманентен трансфер“, објавија од клубот.
Елиф во екипата на Торино ќе го носи бројот 11.
Фановите му го честитаа враќањето во Калчо лигата, а многумина му порачаа дека сепак би сакале да го видат во дресот на Наполи, со кој го постигна досега најголемиот успех во кариерата.
Погледнете го видеото од првиот ден на Елиф во Торино:
Прочитајте и Елиф Елмас ексклузивно за CRNOBELO: „Пред првиот натпревар за репрезентација ми потекоа солзи радосници“
А. Ј. | Црнобело