Браво момци – Македонија ја победи Италија и е чекор поблиску до учество во Светското првенство во фудбал
- Детали
- четврток, 24 март 2022
Македонската фудбалска репрезентација победи против европскиот првак Италија и е чекор поблиску до остварување на долгоочекуваниот сон за учество на Светското Првенство. Македонија даде гол во 92-та минута.
Фото: Инстаграм - ФФМ
Македонските репрезентативци вечерва го одиграа првиот историски бараж натпревар за учество на Светското првенство во Катар, а успеаја да извојуваат победа против моменталниот европски првак Италија, откако Александар Трајковски даде гол во 92-та минута од натпреварот.
Натпреварот се одигра на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо, каде беа присутни околу 1.500 македонски навивачи кои ги бодреа избраниците на Благоја Милевски.
Македонската репрезентација настапи без Елмас, кој беше санкциониран, а добрата игра во одбрана и во напад придонесоа за победата.
Првото полувреме заврши со резултат 0:0, иако Италијаните имаа повеќе обиди кон голот на нашата репрезентација, но брзата интервенција на Столе Димитриевски и добрата одбрана придонесоа првата половина од натпреварот да заврши нерешено.
Првата посериозна закана кон италијанскиот гол македонската репрезентација ја имаше во 45-тата минута од првото полувреме кога Александар Трајковски шутираше кон голот, но не успеа да реализира.
Победата на македонската репрезентација ѝ ја донесе Александар Трајковски кој во 92-та минута даде гол и успеа да обезбеди победа над моменталниот европски првак Италија.
Погледнете како изгледа атмосферата во соблекувалната по победата над Италија:
Б. С. Б. | Црнобело