Му платија за лекување, прв договор потпиша на салфета - Како Меси беше емотивно поврзан за Барселона?
- Детали
- петок, 06 август 2021
Барселона се понуди да плати за трошоци за негово лекување за кое родителите немале финансии и на 13-годишна возраст почна да игра за клубот во кој ја помина целата кариера – по 21 година, која е причината што Меси си заминува?
За оние што не знаат, Лионел потпиша за Барселона кога имаше само 13 години. Се вели дека ова е најдобриот договор што некогаш бил направен во историјата на фудбалот.
Помалку познат е фактот дека првиот договор што Меси го потпишал со Барселона бил направен на салфета. Имено, во тој миг немале друга хартија при рака, а тогашниот спортски директор на клубот Карлос Регач бил уверен во талентот на младиот фудбалер и не сакал да губи време, па побарал тој да му потпише на салфета.
Овој договор во огромна мера влијаел и значел за развојот на Меси не само како фудбалер, туку и воопшто како човек.
Меси е роден на 24-ти јуни 1987-мата година во Росарио, Аргентина. Како мало момче тој постојано бил со неговите двајца постари браќа и заедно играле фудбал, а тој воопшто не се плашел од поголемите деца и противници.
На возраст од 8 години тој бил регрутиран да игра за младинскиот тим на Newell’s Old Boys, клуб во Розарио.
Со оглед на тоа што бил помал од сите други врсници, тој бил подложен на тестирања, при што било утврдено дека има недостаток на хормони за раст, поради што заостанувал во физичкиот развој.
Неговите родители, Џорџе и Сесилија одлучиле дека нивниот син секоја вечер ќе прима инјекции со хормони за раст, но набрзо сфатиле дека немаат доволно финансиски средства за да продолжат со лекувањето.
Кога на возраст од 13 години, на Меси му била понудена шансата да тренира со подмладокот на Барселона и во целост дa му бидат покриени сите трошоци за лекувањето, неговото семејство одлучило да се пресели во Европа и да го започне животот во Шпанија.
На крај, токму поради релативно „нискиот“ раст за спортист, со неговите 1.70 m висина, со брзината и постојаниот напаѓачки стил на играта, тој почнал во голема мера да потсетува на уште еден негов сонародник што имаше мошне успешна фудбалска кариера – Диего Марадона.
Лионел Меси целата кариера ја помина во Барселона. Во 2004-тата година на возраст од само 16 години дебитираше за тимот за време на пријателски натпревар со Порто, по што почна да испишува фудбалска историја.
Денес тој е еден од најдобрите фудбалери во светот, со добиени 6 Златни топки, а дал придонес и за освојувањето на голем број трофеи за клубот.
Се смета дека Меси, во моментов, на возраст од 34 години е во својата „топ“ форма (откако минатиот месец со репрезентацијата на Аргентина го освоија и Купот на Америка), па тука се поставува прашањето – зошто токму сега одлучи да го напушти тимот што толку многу му помогна?
Како причини за напуштањето на тимот се нагласуваат одредени економски и правни проблеми.
Според правилникот на Шпанската лига од 2013-тата година постои правило според кое трошоците за ангажирање и за плата на одреден играч не смеат да надминуваат 70 отсто од вкупната вредност на клубот.
Меси претходно го прифати намалувањето на хонорарот за 50 отсто што се должи на лошата финансиска состојба на клубот, а тој прифати и да остане во клубот откако му беше соопштено дека нема да може да игра во рамки на годинешните натпревари за шпанската лига.
Сакајќи да му овозможи да игра, Барселона имаше планови да му даде важен проект за сезонава и планираше да го ангажира неговиот сонародник Серхио Агуеро за да му се придружи во нападот. Но, по деталните пресметки и логиката, според Барселона наводно немало начин да се избегнат регулативите на шпанската лига.
Со цел да ги исполнат правилата на Шпанската лига, Барса требаше да намали над 200 милиони долари во исплата на платите за другите играчи, само за да потпише договор со Меси.
Но, поради ограничената активност со трансфери поради пандемијата, клубот стана свесен дека тоа нема да биде возможно и наместо да го продолжи, одлучи да го раскине договорот со Меси.
Претседателот на шпанската лига Хавиер Тебас, нагласи дека немаат намера да ги менуваат правилата за Меси, нагласувајќи дека не гледаат никаков проблем затоа што „Лигата“ не била финансиски погодена по заминувањето на други глобални ѕвезди како Нејмар и Кристијано Роналдо.
По ова и поради неможноста да се разрешат клучните правни и финансиски проблеми, наместо нов петгодишен договор, Меси си заминува од клубот во кој ја помина целата фудбалска кариера.
Thank you, Leo. pic.twitter.com/cdS9xWe8Me
— FC Barcelona (@FCBarcelona) August 5, 2021
Оваа одлука беше прифатена со шок и неверување кај фудбалската публика. Неговите обожаватели се собраа пред Камп Ноу и со солзи во очите молеа да остане, иако одлуката по сè изгледа не зависи од него.
https://twitter.com/TotalLeoMessi/status/1423363952977788928
Прочитајте и Емотивен момент: Како Меси од терен покажа дека сопругата и децата му се на прво место? (видео)
Б. С. Б. | Црнобело