Браво Дејан! Македонскиот теквондист освои сребрен медал на Олимписките игри
- Детали
- вторник, 27 јули 2021
Македонскиот теквондист Дејан Георгиевски изгуби во финалето на Олимписките игри во Токио во категоријата над 80 килограми и го освои сребрениот медал.
За пласман во финалето, Георгиевски денес (27.07) во 9:45 часот се бореше во полуфиналето против Ин Кјо Дон од Јужна Кореја, а во финалниот натпревар против актуелниот светски и европски шампион загуби, но сепак се здоби со сребрен медал.
Дејан Герогиевски во финалето се сретна со рускиот претставник Ларин Владислав, светски и европски шампион и петкратен победник на Гран При Сериите.
Во првото коло Георгиевски го совлада актуелниот светски првак Рафаел Јуниер Алба Кастилјо со 11:8, а потоа во четвртфиналето беше подобар од репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, со 9:4. Во денешното полуфинале, тој го победи противникот од Јужна Кореја со 12:6.
22-годишниот Георгиевски е европски вицешампион во теквондо, во 2018-тата година го доби сребрениот медал на Европското сениорско првенство во теквондо во олимписки категории кое се одржа во Сараево, БиХ.
Тој има изјавено дека целта му е да освои олимписки медал и се надева дека еден ден ќе успее во тоа, а сега си го оствари сонот.
Македонија на Олимписките игри учествува од 1996-тата година, а од независноста досега само еднаш имаме освоено бронзен медал во 2000-тата година кога Могамед Ибраимов го освои третото место во борење во слободен стил во категорија до 85 килограми. Со тоа тој стана првиот медалист за Македонија како независна држава.
Дејан Георгиевски е вториот човек што ѝ донесе радост на Македонија и го освои сребрениот медал цели 21 година подоцна.
Б. С. Б. | Црнобело