Изработени се од картон, може да издржат до 250kg – Зошто олимпијците во Париз ќе спијат на „анти-секс“ кревети?
- Детали
- вторник, 21 мај 2024
Овие кревети првпат беа воведени на Олимписките игри во Токио во време на корона вирусот, за да се спречат сексуалните односи. Пандемијата стивна, но картонските кревети остануваат – зошто?
За време на Олимписките игри во Париз, организаторите повторно одлучија да им помогнат на спортистите да не запаѓаат во искушение за секс.
И годинава, повторно се одлучија во олимпиското село да бидат поставени единечни картонски кревети, на кои не може да спие повеќе од едно лице.
Освен тоа, креветите се изработени од рециклиран материјал, па мошне лесно се оштетуваат.
Инаку, картонските „анти-секс“ кревети првпат беа воведени за Олимписките игри во Токио во време на пандемијата.
Целта беше да се спречи блискиот контакт меѓу спортистите, откако беше разоткриено дека во олимписките села спортистите многу често се впуштаат во сексуални односи.
Врз основа на претходно направени истражувања било утврдено дека употребата на апликацијата за состанување Tinder се зголемила и до 348 отсто за време на Зимските олимписки игри во Пјонгjанг, а зголемување имало и за време на олимпијадите во Сочи и Рио.
„За време на секоја Олимпијада, забележуваме дека Tinder е мошне активна во олимписките села.
Исто така, забележуваме дека посетеноста на апликацијата се зголемува кога на едно место имаме собрано голем број луѓе од целиот свет“ – изјави во една пригода портпаролот на Match Group, компанијата која стои зад познатата апликација.
Освен ова, познато е дека голем број спортисти отворено зборувале за разузданиот живот што го воделе во олимписките села за време на олимпијадите.
Така, пинг-понг играчот Метју Сајед во изјава за медиумите рече дека за време на неговото учество на Олимпијадата во Барселона во 1992-ра година си поминал незаборавно.
„Во периодот на тие 2 и пол недели имав повеќе секс отколку што сум имал во остатокот од животот“ – изјави тој.
Исто така, анонимен спортист отворено зборуваше дека во 2012-та година во Лондон имал секс во четворка со уште еден колега и две други жени.
Со цел да се ограничи блискиот контакт меѓу луѓето и сексуалните односи, во екот на пандемијата во Токио беа воведени картонските анти-секс кревети и иако во последните неколку години нема ограничувања на движењето, тие повторно ќе бидат присутни во олимписките села.
Но, овој пат оправдувањето на организаторите не е заради опасноста од пренесување на болести, туку едноставно заради тоа што се поволни за животната средина и може да се рециклираат.
Според известувањата во француските медиуми, иако се изработени од картон, креветите може да издржат тежина до 250 килограми, а во олимпиското село ќе бидат доставени околу 300.000 презервативи, или по 30 за секое лице што ќе биде присутно.
Исто така, во олимпиското село ќе биде забрането служењето алкохол, но присутните ќе може да консумираат шампањ во Париз.
За потсетување, Олимпијадата ќе се одржи од 26-ти јули до 11-ти август.
Б. С. Б. | Црнобело