Перо Антиќ се врати во Атланта: Во клубот го пречекаа како ѕвезда, се дружеше со Богдан Богдановиќ
- Детали
- четврток, 11 април 2024
„Перо - македонската мамба“, напишаа фановите Перо Антиќ на официјалната Инстаграм страница на Atlanta Hawks, откако нашиот поранешен кошаркар се врати во САД, па поминува време со играчите на својот некогашен клуб.
Перо Антиќ, единствениот македонски кошаркар кој играл во NBA и тоа за тимот на Atlanta Hawks, деновиве повторно е во САД.
Тој е во Атланта, каде што се дружи со некои од своите поранешни соиграчи, а најмногу време поминува со Богдан Богдановиќ, кој е еден од најдобрите NBA кошаркари од овие простори, заедно со Никола Јокиќ и Лука Дончиќ.
Перо, кој веќе неколку дена е во САД, постојано објавува фотки и видеа од своето патување, но и од дружењата со кошаркарите.
Тој неколкупати беше на тренинг на екипата на Atlanta Hawks, но и на еден од натпреварите, па негова фотка се најде и на официјалниот Инстаграм профил на клубот.
Перо во Атланта е пречекан како вистинска ѕвезда. И иако не играше долго во клубот (од 2013 до 2015), ова покажува колку всушност нашиот кошаркар беше добро прифатен и омилен во двете години кои ги помина таму.
„Перо - македонската мамба“, стои во коментарите од фановите, кои покажаа дека не го заборавиле нашиот кошаркар.
По NBA, тој се врати во Европа и потпиша за Fenerbahce, а потоа кариерата ја зврши во Crvena Zvezda во 2018 година.
Во моментов тој е на својот втор мандат како претседател на Кошаркарската федерација на Македонија.
Уште неколку фотографии од неговиот престој во САД:
А. Ј. | Црнобело