Петар Заборски од „Макпетрол” освои бронза на светската карате лига во Атина
- Детали
- понеделник, 15 јануари 2024
Каратистот на „Макпетрол“, Петар Заборски, се закити со бронзено одличје на турнирот од светската лига што викендов се одржа во Атина. Во борбата за трето место тој го совлада претставникот на домаќините, Евангелос Сереметакис со 1-0.
Во елиминацискиот дел од турнирот Заборски забележа четири победи, но загуби во полуфиналето од Мохамед Абудабус откако борбата заврши со резултат 3-3. Членот на скопски „Макпетрол“ се натпреваруваше во категоријата под 75 килограми.
- Среќен сум што почетокот на годината го крунисав со медал од Светската карате лига каде што се натпреваруваат најдобрите каратисти од целиот свет. Во борбата за трето место влегов сосема сконцентриран и опуштен, со оглед на мојата физичка и психичка подготвеност, а секако и познавајќи ги тактиките на мојот противник. Ги почитувам сите натпреварувачи и противници подеднакво и секој од нас сака да стане медалист. Среќен сум што во континуитет освојувам медали од најсилните натпревари на светската карате премиер лига - изјави Заборски.
На турнирот главниот град на Грција беа пријавени делегации од 81 држава, со 1094 спортисти. Сениорскиот тим на „Макпетрол“ учествуваше со осум претставници во машка и во женска конкуренција.
Покрај Заборски, меѓу натпреварувачите беа и Петар Спасеновски (-84 кг.), Давид Петков (-67 кг.), Стефан Стојановиќ (+84 кг.), Витомир Трајковски (-84 кг.), Симона Заборска (-55 кг.), Викторија Јовановска (-61 кг.) и Јована Мицовска (-61 кг.).