6 пати одеше на рехабилитација, украде накит во Венеција – најголемите скандали на Линдзи Лохан (и што прави денес)
- Детали
- сабота, 27 август 2022
Од 2007 до 2013 година, Линдзи Лохан има поминато 250 денови во центри за рехабилитација. Исто така, 20 пати беше на суд, 4 пати ги прекрши условните казни и има добиено вкупно шест месеци казна затвор.
Линдзи Лохан стана светски позната на само 11 години со филмот The Parent Trap.
Потоа во 2003-та се појави во комедијата Freaky Friday, а следната година ја доби главната улога во веќе култниот филм Mean Girls.
Со оваа улога, тогаш 18-годишната Линдзи стана најголемата тинејџерска ѕвезда и сите ѝ предвидуваа блескава кариера.
Но, проблемите со зависностите, како и бројните судири со законот ја натераа актерката да се повлече од филмската сцена.
Со текот на времето, Линдзи стана попозната за скандалите отколку за нејзиниот талент.
Па, што сè има направено Линдзи Лохан и дали конечно успеа да се ослободи од пороците?
Проблемите започнале во тинејџерските години
На 15-годишна возраст, Линдзи Лохан се пресели во Калифорнија и откри дека токму тогаш почнале нејзините проблеми.
Во интервју со Опра од 2013-та, таа вели дека никој не ја контролирал, па почнала да троши многу пари и да експериментира со дрога.
Во истото интервју, актерката вели дека ѝ требало многу време за да сфати дека има сериозен проблем.
Прво пријавување во центар за рехабилитација
Во 2007 година, додека го снимаше филмот Georgia Rule, актерката беше хоспитализирана поради „исцрпеност““.
Но, подоцна се дозна дека зборот „исцрпеност“ бил само обид да се прикрие недоличното однесување на актерката.
Линдзи самата сподели дека овој период користелa кокаин и по 10 пати дневно, а неретко го комбинирала со алкохол.
Истата година Линдзи почна да снима друг филм, но тогаш беше испратена во центар за рехабилитација – ова е првиот од многуте обиди на актерката да се ослободи од зависностите.
Таа помина 30 дена во центар во Лос Анџелес.
Први судири со законот
Повторно во 2007 година, Линдзи Лохан беше уапсена за возење под дејство на алкохол.
Набрзо потоа беше уапсена и за поседување дрога, како и возење со суспендирана возачка дозвола.
За сето ова, актерката доби релативно ниска казна – 10 дена општокорисна работа, парична казна, како и обука за последиците од алкохолот.
Кражба и нови судири со законот
Во 2010 година, Линдзи Лохан доби казна затвор од 90 денови, но беше ослободена, а потоа повторно беше испратена во центар за рехабилитација.
До 24-годишна возраст, актерката имаше престојувано четирипати во вакви центри.
А, како што излезе од центарот по четврти пат, повторно почна да користи дрога, па повторно замина на рехабилитација.
Во 2011-та, актерката беше обвинета и за кражба – наводно украла ѓердан од 2.500 долари од златара во Венеција.
Нови апсења и повторно на рехабилитација
Во 2012-та година актерката беше уапсена двапати.
Еднаш бидејќи удрила некој со автомобилот и избегала, а вториот пат за нарушување на мирот во дискотека.
Во 2013-та таа доби наредба уште еднаш, по шести пат, да оди на рехабилитација.
Обиди да си го среди животот
Од 2007 до 2013 година, Линдзи Лохан има поминато 250 денови во центри за рехабилитација.
Исто така, 20 пати беше на суд, ги прекрши условните казни четирипати и има добиено вкупно шест месеци казна затвор.
Од овие шест месеци, таа помина само две недели зад решетки, како и 35 денови во домашен притвор.
По 2013 година, актерката проба да си го среди животот и да се врати на филмската сцена.
Но, филмовите во коишто се појави беа лошо оценети и од критичарите, и од публиката.
Во 2014 година таа направи реално шоу каде што отворено ја прикажа битката со зависноста и обидите да се подобри.
Што прави Линдзи денес?
Во 2019-та таа сними уште едно реално шоу, откако отвори ресторан и спа-центар на грчкиот остров Миконос.
Но, само една година подоцна шоуто беше откажано, а ресторанот и спа-центарот се напуштени и не е познато дали актерката уште го поседува тој имот.
Во 2022 година Линдзи направи договор со Нетфликс, па ќе биде дел од неколку проекти.
Таа е и во брак со Бадар Шамас – познат бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати – и вели дека никогаш не била посреќна, но и дека повеќе нема проблеми со дрога и алкохол.
Прочитајте и: По аферата со саудискиот принц, се сврши со банкар – Сѐ за бурниот љубовен живот на Линдзи Лохан
Спирова С. | Црнобело