Џорџина Родригез тврди дека не го троши богатството на Роналдо: „Парите си ги заработив сама“
- Детали
- среда, 02 март 2022
„Што се однесува до финансиите, извинете, но не сакам да говорам за тоа колку милиони имам на сметката, а сите пари ги заработив сама“ – тврди партнерката на Кристијано Роналдо, Џорџина Родригез. Што прави Џорџина и со што ги заработува милионите за луксузен живот?
Партнерката на светски познатиот фудбалер Кристијано Роналдо (37), Џорџина Родригез (28) во моментов е најпознатата шпанска инфлуенсерка, која има речиси 4 милиони следбеници.
Таа во моментов е бремена со близнаци, а актуелна е и со нејзиниот документарен филм на Netflix, насловен Soy Georgina.
Партнерката на Роналдо даде обемно интервју за шпанската верзија на магазинот Forbes, направено еден ден пред роденденската забава на нејзиниот партнер.
Роденденска забава во Дубаи со нејзиниот лик на Бурџ Халифа, луксузни одмори, патувања на Северниот пол, луксузен автомобил како подарок за роденденот на нејзиниот партнер - ова се само дел од луксузните работи што во последните неколку месеци нејзините следбеници на Инстаграм имаа можност да ги видат.
Сепак, шпанската инфлуенсерка, за која се знае дека се запознала со Роналдо додека работела како асистент на продажба во луксузен бутик изненади со изјавите во однос на парите.
„Точно е дека многу напредував во последните години, но исто така и работев многу, бев во можност да се фокусирам на моите профили на социјалните мрежи. Понекогаш ме нарекуваат „жената на...“ со погрдно значење, но тоа не ме повредува.
Среќна сум што сум партнерка на Кристијано Роналдо, целосно сум вљубена во него и се чувствувам среќно. Свесна сум дека тоа што сум негова партнерка ми носи голем број можности, но за парите на мојата сметка работев и сама го изградив сопственото богатство.
Се гордеам со тоа што сум го сработила и како ја менаџирам сопствената кариера и затоа што најдов баланс меѓу моите професионални, лични и семејни обврски“ – вели таа.
Богатството на Џорџина доаѓа од повеќе извори. Понекогаш носи дизајнерски парчиња од познати брендови, таа е амбасадор на компанијата за накит Chopard, има договор со американскиот бренд за спортска облека Alo yoga, но исто така е и администратор на Insparya Hair Medical Clinic – клиника за трансплантација за коса.
„Што се однесува до финансиите, извинете, но не сакам да говорам за тоа колку милиони имам на сметката. Кога ќе ми понудат некој проект во кој не се пронаоѓам или кој не соодветствува со вредностите што ги следам, тоа е доволна причина за да го одбијам.
Да се биде богат не значи само да собираш милиони во банка. Има луѓе што имаат милиони во банка, а немаат ништо во животот“ – вели таа.
Со оглед на тоа што наскоро нивното семејство дополнително ќе се прошири, Џорџина проговори и за тоа што е она што сака да ги научи нејзините деца:
„Се обидувам да ги научам децата дека трудот се исплати и дека е неопходно да бидете истрајни и да работите напорно. Сакаме да знаат да го ценат тоа што се многу среќни, но пред сè да знаат да ги ценат луѓето“.
Прочитајте и „Одев на работа со автобус, а се враќав со Bugatti“: Џорџина Родригез „тешко“ се навикнала на раскошот, семејството ја критикува
Б. С. Б. | Црнобело