Бела Хадид искрено за депресијата: „Чувствувам физичка болка, се плашев да излезам од дома“
- Детали
- вторник, 18 јануари 2022
По искрената објава на Инстаграм, Бела Хадид повторно прозборе за менталното здравје, откривајќи дека честопати ѝ е страв да излезе од дома поради анксиозноста, како и дека некои денови чувствувала ужасна физичка и ментална болка.
Пред неколку месеци, Бела Хадид се отвори за проблемите со менталното здравје со објава на Инстаграм која вклучуваше и фотографии од неа на кои плаче.
Тогаш моделот сподели дека има депресија, како и дека се чувствува виновно поради тоа. Сега, во интервју за WSJ. Magazine 25-годишната Бела откри дека помеѓу многуте депресивни, има и добри денови, а искрената објава на Инстаграм ѝ била од огромна помош.
„Објавата направи да не бидам толку осамена бидејќи многу луѓе ми напишаа ’И јас се чувствувам така‘. Кога ја споделив објавата сакав да им покажам на сите кои се чувствуваат исто дека е во ред да се чувствуваат така.
Иако на Инстаграм нештата можат да изгледаат многу убаво, на крајот од денот, сите сме исти. Мислам дека беше добро за мене што можев да ја споделам мојата вистина, а во еден миг повеќе не можев да споделувам убави фотографии од мене.
Не знам дали луѓето на Инстаграм го сакаат тоа, и тоа е во ред. Не мора да бидам на Инстаграм засекогаш. Чувствувам дека реалноста е поважна за мене“.
Моделот откри и што ја натерало да ги сподели искрените фотографии на Инстаграм.
„Кога имам многу лоши депресивни епизоди и мајка ми или лекарот ме прашуваат како сум, наместо да им напишам порака, само им испраќам селфи. Тоа ми е најлесно бидејќи никогаш не можам да опишам како се чувствувам.
Само чувствувам интензивна и изнемоштувачка ментална и физичка болка, а не знам зошто. Ова се случува последниве три години“.
Бела вели дека депресијата не значи дека постојано е тажна – некогаш има и денови кога се чувствува добро.
„Имам добри денови. Денес е добар ден. Не се чувствувам депресивно. Не сум анксиозна како вообичаено. Но утре кога ќе се разбудам може да биде потполно спротивно“.
Прочитајте повеќе: Бела Хадид со солзи во очите проговори за менталното здравје: „Се чувствувам виновно што имам депресија“
Бела страда и од лајмска болест, поради што секој ден пиела многу лекови само за да може да функционира нормално. Сето ова, дополнително влијаело врз нејзиното ментално здравје.
Моделот истакнува дека грижата за себе ѝ помага најмногу во тешките моменти.
„Сега сфаќам дека моето тело е храм. Рутината што ја имам наутро, особено во понеделник, е можеби најважното нешто бидејќи ако лошо ја почнете неделата, тогаш целата недела ќе ви биде лоша“.
Иако е позната по уникатните модни комбинации, Бела открива дека ѝ било особено тешко да се натера да се облече убаво и да излезе од дома.
„За мене беше навистина комплицирано да си направам убава комбинација и да излезам од дома, најмногу поради анксиозноста од папараците кои ме чекаа надвор и целото внимание“.
Сепак, Бела успеала да го надмине овој проблем.
„Ми беше важно да научам дека дури и ако луѓето зборуваат за мојот стил или ако не им се допаѓа, не е важно, бидејќи тоа е мој стил.
Кога излегувам од дома, си помислувам: ’Дали ова ме прави среќна? Дали се чувствувам добро и удобно во оваа облека?‘“
Моделот вели дека си поставила цел во 2022-ра година да се фокусира на менталното и физичкото здравје и се надева дека ќе успее да го надмине сето ова.
Спирова С. | Црнобело