Анџелика Хјустон 6 години ја криела дијагнозата со рак + детали за врската со Џек Николсон што ја истрауматизира
Почнувајќи од 1973 година, врската на Анџелика Хјустон и Џек Николсон, која многумина ја опишуваа како „брутална“, траеше речиси две децении.
Додека Џек Николсон уживаше репутација на „женкар“, Анџелика се надевала дека ќе го промени и дека ќе ја побара за жена.
Се запознале на роденденот на актерот
Џек и Анџелика се запознале на 36-иот роденден на актерот, на забава во неговиот дом. Тогаш Анџелика имала 21 година и присуствувала на забавата со група пријатели.
Подоцна актерката има изјавено дека веднаш „паднала“ на шармот на Џек – танцувале, флертувале и Анџелика останала кај него цела ноќ.
Неколку дена подоцна, Џек ја поканил на состанок, но откажал во последен момент бидејќи имал други обврски.
Актерот всушност отишол да се види со неговата бивша девојка и уште тогаш како да ѝ покажал на Анџелика дека никогаш нема да ѝ биде верен.
Неверствата биле постојани
Откако ја почнале врската, веројатно немало период кога Џек ѝ бил верен на Анџелика.
Актерката има откриено дека кај него постојано наоѓала долна облека, накит, шминка и слични предмети што им припаѓале на љубовниците на Џек.
Честопати се случувало и актерот да флертува со други жени додека бил излезен со Анџелика. Понекогаш Анџелика му велела дека тоа ѝ пречи, но Џек само ѝ одговарал дека жените му се стари пријателки.
Во своите мемоари, Анџелика пишува и за инцидент од Канскиот филмски фестивал во 1974 година.
Додека биле излезени во Кан, им пришле девојки со мотоцикли кои го прашале Џек дали сака да го повозат.
„Тој се качи на мотоциклот и ме остави сама на тротоарот, па јас се вратив во нашата хотелска соба, расплакана“.
Анџелика сонувала дека ќе се венчаат и дека ќе имаат деца
Анџелика вистински го сакала Џек, а и тој има изјавено дека таа била неговата најголема љубов. Па, актерката се надевала дека ќе ја побара за жена.
Но, во 17 години, Џек не само што не ја побарал за жена, туку и ја исмејувал бидејќи сакала да се венчаат.
„Еднаш му реков дека ако е маж, ќе се ожени со мене. И тој ми рече ’Да се оженам со тебе? Зарем се шегуваш?‘
Плачев три дена откако ми го рече тоа“, пишува актерката во своите мемоари.
Џек доби дете со друга жена
Додека Анџелика се надевала дека ќе имаат семејство, Џек забременил една од неговите љубовници.
Во 1989 година, ја поканил Анџелика на вечера и ѝ кажал дека очекува дете со актерката Ребека Брусард.
Конечно, ова ја прелило чашата за актерката, па му рекла:
„Во оваа ситуација има место само за една жена и јас се повлекувам“.
Со ова, актерката ставила крај на 17-годишната бурна врска.
Актерот ја омаловажил со интервју по раскинувањето
Кратко по раскинувањето, Анџелика дознала за интервју кое актерот го дал за Playboy.
Во интервјуто, актерот детално опишал интимна средба со друга жена, во период кога бил во врска со Анџелика. Ова ја разгневило, па Анџелика отишла во неговата канцеларија.
„Влегов во канцеларијата… Го нападнав. Мислам дека не го клоцнав, но го удирав на рамената и на главата.
Се наведнуваше и избегнуваше, а јас продолжував да мавам“.
И покрај овој инцидент и траумата што ја претрпела Анџелика, тие колку-толку успеале да го подобрат односот.
Имено, Анџелика откри дека актерот ѝ се јавил за време на пожарите во Лос Анџелес за да провери дали е добра.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





