На 84 години имал 22 девојки – Кој е Квинси Џонс, продуцентот на ѕвездите што почина викендов?
- Детали
- вторник, 05 ноември 2024
Има соработувано со најголемите музички ѕвезди, како Френк Синатра и Мајкл Џексон, а познат е и по бурниот љубовен живот. Има седум деца од пет жени, а ќерките го молеле да престане да се гледа со девојки кои се помали и од нив.
Можеби не сте го слушнале името Квинси Џонс, но сигурни сме дека сте добро запознаени со неговата работа.
Квинси, кој почина на 3-ти ноември 2024, важи за еден од најплодните музички продуценти кој соработувал со најголемите ѕвезди како Мајкл Џексон, Арета Френклин и Френк Синатра.
Всушност, Квинси е продуцентот кој стои зад најпознатата песна на Мајкл Џексон – Thriller – но и целиот албум кој го носи истото име.
Квинси бил толку ценет и моќен, што ќе остане запаметен и како продуцентот кој храбро кажа дека „Елвис Присли не знае да пее“ и „Битлси не знаат да свират“.
Неколку детали за бурниот живот на Квинси Џонс:
Иако низ годините стекна богатство кое се проценува на околу 500 милиони долари, Квинси Џонс бил роден во сиромашно семејство, во Чикаго.
Самиот има изјавено дека се родил во „најлошото гето во најлошата економска криза“ и дека околу него немало ништо друго освен гангстери.
Квинси има откриено дека баба му била робинка во Кентаки и била силувана од нејзиниот сопственик, односно дедото на продуцентот.
Мајка му на Квинси имала шизофренија и била примена во ментална установа додека тој бил многу мал.
Па, продуцентот пораснал со татко му кој, пак, честопати соработувал со локалните криминалци.
Со вакво опкружување, Квинси бил проблематично дете.
Во една пригода, кога имал само седум години, еден од криминалците во неговото соседство му забодел нож во дланката. Квинси ја носел лузната целиот живот, а во тој миг посакал да биде гангстер кога ќе порасне.
За среќа, на 10-годишна возраст ја открил музиката.
Со семејството, продуцентот се преселил во Сиетл и таму првпат видел клавир во живо.
„Го видов инструментот во темницата. Ги допрев клавишите и секоја клетка од телото како да ми рече ’ова ќе го правиш целиот живот‘.
Тој ден престанав да сонувам да станам гангстер и посакав да станам музичар“.
Квинси почнал да свири на труба, а со неколку пријатели основал и џез група.
Но, кога имал 14 години, сите од групата загинале во сообраќајка. Квинси бил единствениот преживеан.
На 15 години, тој добил стипендија за музички колеџ и почнал да ја гради импресивната музичка кариера.
Најпрво како музичар, а потоа почнал да компонира песни за филмови, но и да соработува со ѕвезди како Синатра и Ела Фицџералд.
Продуцентот има откриено дека кога се запишал на колеџот, станал зависен од хероин.
Но, бидејќи од прва рака гледал што им се случува на ѕвездите зависници, за пет месеци успеал да се откаже од порокот.