„Ангелу мој, те сакам“ – Девојката која го напушти Лиам Пејн се прости од него + под истрага се вработени во хотелот
- Детали
- понеделник, 21 октомври 2024
„Лиам даваше сè од себе да остане трезен, но штом влезе во хотелот, двајца вработени му нудеа алкохол и опојни супстанци“ – тврдат блиски пријатели на Лиам Пејн, кој минатата недела почина откако падна од балкон во Аргентина. Неговата девојка со емотивни зборови се прости од него.
Не стивнуваат пишувањата и информациите поврзани со смртта на членот на групата One Direction, Лиам Пејн, кој почина минатата недела, на возраст од 31 година, откако падна од балкон во хотелска соба во Буенос Аирес, Аргентина.
Неговата девојка Кејт Касиди, која си заминала од Аргентина два дена пред трагичната смрт на пејачот, во петокот се огласи на Инстаграм и преку Стори се прости од партнерот, но замоли и за разбирање кај јавноста.
Инфлуенсерката и модел, накратко напиша:
„Ви благодарам на сите за љубезните зборови и љубовта што ми ја праќате.
Целосно сум загубена. Ништо не ми делува реално во последните неколку дена.
Ве замолувам и се молам да ми дадете простор да поминам низ оваа болка во приватност.
Лиам, ангелу мој. Ти си сè.
Сакам да знаеш дека те сакав безусловно и целосно.
Ќе продолжам да те сакам до крајот на животот.
Те сакам Лиам“.
Дел од светските медиуми пишуваат дека Лиам и Кејт имале бурна расправија пред таа да си замине и дека пејачот ја молел партнерката таа да остане со него во Аргентина.
Додека најблиските и светската јавност се простуваат од прерано починатиот музичар, во аргентинските и светските таблоиди се објавуваат информации од истрагата за смртта на Лиам.
Аргентинскиот весник Buenos Aires Herald ја пренесува изјавата на двајца сведоци во хотелот, дека музичарот само неколку часа пред смртта имал бурна расправија со жена за пари.
„Ќе ти дадам 20.000 долари само затоа што можам.
Имам 55 милиони долари и сакам да им помагам на луѓето“ – наводно Лиам ова го повторил неколкупати додека имал бурна расправија со жена во хотелското лоби.
Изјавата во полицијата ја дал Мајкл Флајшман, американски државјанин кој со мајка му престојувал во истиот хотел каде што почина и Лиам.
„Лиам изгледаше мошне вознемирено, раздразнето, малку здивено, постојано чекореше и не застануваше. Изгледаше дека е полн со енергија и исто така викаше и повторуваше дека може да ѝ помогне на жената“ – изјавила мајката на сведокот.
Сведоците не знаат што се случувало претходно, но се гледало дека на жената ѝ е мошне непријатно и дека најверојатно станувало збор за жителка на локалното население, затоа што вработените во хотелот преведувале и се обидувале да ја смират ситуацијата.
Оваа расправија се случила околу 2 часот попладне, само 3 часа пред музичарот да падне од балконот на собата каде што престојувал.
Прочитајте и Последните видеа од Лиам Пејн со обожаватели во Аргентина, пред да почине: „Се гледа дека не му е добро“
По овие информации, објавено е дека аргентинската полиција води истрага и против двајца вработени во хотелот кои му доставувале опојни супстанци во деновите пред неговата смрт.
Според британските медиуми, еден хигиеничар и уште еден вработен на хотелот ги криеле опојните супстанци во амбалажа за средства за хигиена, а полицијата во неа нашла бела прашкаста материја, кристали и таблети.
Полицијата утврдила дека во кутијата најверојатно има кокаин и други опојни супстанци.
Daily Mail ја пренесува изјавата на близок пријател на Пејн, кој ги потврдил информациите:
„Имаше двајца вработени во хотелот кои му носеа опојни супстанци на Лиам. Тие праќале такси возила за да донесат пакети за него.
Еден од вработените беше хигиеничар. Откако Лиам почина, забележано е дека едно такси било испратено на домашната адреса на хигиеничарот.
Менаџерот на хотелот го прашал зошто таксито дошло на неговата адреса, а кога тој не можел да даде објаснување, добил отказ.
Лиам даваше сè од себе да остане трезен, но штом влезе во хотелот, овие двајца му нудеа алкохол и опојни супстанци“ – тврди пријателот.
Инаку, полицијата во Аргентина планира да направи целосно токсиколошко испитување, па затоа неговите останки ќе останат во Аргентина, најмалку 15 дена, додека целосно не биде завршен извештајот.
Таткото на Лиам, Геоф минатата недела пристигна во Буенос Аирес за да го идентификува телото на синот и да ги започне подготовките за погребот.
Прочитајте и Што ѝ претходело на смртта на Лиам Пејн – Девојката го оставила сам, продуцентите му го раскинале договорот
Б. С. Б. | Црнобело