Што ѝ претходело на смртта на Лиам Пејн – Девојката го оставила сам, продуцентите му го раскинале договорот
- Детали
- петок, 18 октомври 2024
„Требаше да бидеме во Аргентина 5 дена, а останавме 2 недели, само сакав да си одам дома“ – со овие зборови девојката на Лиам Пејн, Кејт Кесиди објасни зошто си заминала дома на Флорида и го оставила сам во Буенос Аирес. Пред смртта Лиам Пејн се соочил со голем број проблеми.
Светските таблоиди и медиуми се преплавени со информации за трагичната смрт на членот на групата One Direction, Лиам Пејн.
Со оглед на тоа што смртта на 31-годишниот музичар се случи сосема неочекувано и прерано, голем број од таблоидите се обидуваат да дадат одговор што му претходело на фаталниот пад од третиот кат во хотелот во Аргентина каде што престојувал.
Познато е дека минатата година Лиам тврдеше дека веќе 6 месеци успеал да остане трезен откако бил на 100-дневна рехабилитација од алкохол и употреба на опојни супстанци.
Но, според тврдењата на хотелскиот персонал, тој непосредно пред смртта се однесувал агресивно, па вработените во хотелот каде што починал биле принудени да побараат помош од полицијата.
На социјалните мрежи се објавени фотографии од неговата соба каде што е забележителен хаосот, односно расфрлани шишиња алкохол, скршен телевизор и остатоци од дрога…
Полицијата потврди дека во собата бил тотален хаос, а покрај скршените предмети таму биле најдени шише виски, опојни супстанци, лекови, меѓу кои и лекот против анксиозност и запалка.
Друг гостин во хотелот, пак, во изјава за People вели дека слушнал бучава од собата на Лиам, вклучително и гласен, гневен вресок.
„Мислев дека нешто се реновира во собата. Мислев дека работат нешто таму“ – вели гостинот, нагласувајќи дека слушал звуци што наликувале како некој да крева нешто тешко и да удира по ѕидовите.
Гостинот видел како вработените влегуваат и излегуваат од собата на Пејн, каде што имало голема бучава околу 4.30 часот попладне, а полицијата била повикана околу 5 часот попладне, додека музичарот набрзо потоа бил прогласен за мртов.
„Околу 4, или 4.30 часот се слушаше уште поголема бучава… И слушнав силен, гневен вресок, околу 4.45, или 5.00 часот“ – вели гостинот.
Набрзо потоа почнале да се слушаат полициски сирени и целата улица била опколена од полиција.
Инаку, пред само еден месец, Лиам на социјалните мрежи се фалел со новиот изнајмен дом на Флорида, каде што се преселил со неговата девојка Кејт Кесиди.
Од видеата можеше да се види дека тој ужива во вистински луксуз во палатата вредна повеќе милиони долари.
Но, се чини дека непосредно пред смртта Лиам се соочил со сериозни проблеми.
Поранешната девојка Маја Хенри го обвинуваше за вознемирување и непосредно пред смртта добил предупредување од нејзините адвокати да престане да ја контактира.
Неколку дена пред смртта, на музичарот му бил раскинат договорот со продуцентската куќа Universal Music затоа што сметале дека неговата соло-кариера е во пад, откако претходно целиот тим публицисти му дале отказ.
Освен тоа, Лиам во Аргентина дошол заедно со девојката Кејт Кесиди, но познато е дека два дена пред смртта таа го оставила сам.
Според неа, тие требало да останат во Аргентина само на пет дена, но потоа нивното патување се продолжило.
Кога се врати дома, Кејт објави кратко видео во кое рече:
„Едноставно бев подготвена да си заминам.
Искрено, ми се допаѓа Јужна Америка, но мразам да седам во едно место премногу долго.
И требаше да седиме таму само 5 дена. Потоа се одложи на две недели и решив дека сакам да си одам дома“.
Полицијата во Аргентина сè уште ги расчистува околностите под кои почина музичарот. Се смета дека тој најверојатно паднал од балконот во неговата соба.
Според тамошните медиуми, сите повреди што Лиам ги претрпел се најверојатно последица на падот.
Иако смртта се истражува како сомнителна, сепак полицијата верува дека Лиам бил сосема сам во моментот кога се случила трагедијата.
Лиам беше татко и на 7-годишно момче, кого го доби на возраст од 23 години од врската со британската поп-ѕвезда Шерил Кол.
Прочитајте и Рита Ора се расплака на сцена, Зејн Малик со емотивна објава – Ѕвездите се збогуваат од Лиам Пејн
Б. С. Б. | Црнобело