Проституција, силувања – Мрачната страна на корејските поп ѕвезди
- Детали
- недела, 15 септември 2024
Неколку корејски изведувачи имаат извршено самоубиство, додека некои се обвинети за разни криминални дела, вклучувајќи силување и организирање проституција.
Корејската поп-музика, позната како к-поп, изминативе неколку години станува популарна ширум целиот свет, особено кај помладата публика.
Музичките групи како Blackpink и BTS се популарни и кај нас, а некои од изведувачите од Јужна Кореја имаат направено и соработки со врвни музички ѕвезди.
Членовите на корејските музички групи секогаш изгледаат беспрекорно, а настапите им се придружени со впечатливи аутфити и енергични кореографии.
Но, веќе добро познат факт е дека пејачите и пејачките трпат вистинска тортура за да изгледаат совршено, а некои дури извршиле и самоубиство од постојаниот притисок.
А, со к-поп индустријата се поврзани и низа скандали, како пејачи кои завршиле во затвор.
Дел од корејските пејачи кои се всушност криминалци:
Џунг Џун-јанг
Во 2019 година, во јавност протекоа пораки од телефонот на пејачот Џунг Џун-јанг кои покажаа негова поврзаност со клуб – Burning Sun – во кој се случувале секакви криминални активности.
Се дозна и дека пејачот силувал девојка и го снимал силувањето, а потоа го препраќал видеото.
Тој доби 6-годишна казна затвор, која беше намалена на пет години и беше ослободен во март 2024-та.
Сеунгри
Познат како „Големиот Гетсби од Јужна Кореја“, Сеунгри е познат по раскошниот начин на живот, а беше и сопственик на клубот Burning Sun што го спомнавме претходно.
Тој беше обвинет за организиран проституција, одржување нелегални игри со коцкање и проневера со пари.
Кога во јавност се појавија обвиненијата, тој се повлече од јавноста, а на крај доби 3-годишна казна затвор.
Сепак, поради неговото влијание, помина само една година во затвор и беше ослободен во 2023-та.
Чои Џонг-хун
Пејачот Чои беше осуден за групно силување жена и доби само 5-годишна казна затвор.
Поради некоја причина, казната му беше намалена на две и пол години.
Претходно, пак, поткупил полицаец бидејќи бил застанат додека возел под дејство на алкохол.
Тој излезе од затвор во 2021-ва, а и покрај криминалното досие, изјави дека планира да се врати во забавната индустрија.
Крис Ву
Крис Ву беше к-поп ѕвезда, иако потекнува од Кина, а живеел и во Канада.
Тој беше обвинет за силување дури три жени, од кои едната имала 17 години.
Подоцна се дозна и дека избегнувал плаќање данок, а имал и други поситни дела.
Севкупно, тој доби 13-годишна казна затвор која уште ја одлежува.