Нови гласини за аферите на Дејвид Бекам: „Гледа во други жени и кога е со Викторија, ѝ ја уништи самодовербата“
- Детали
- понеделник, 01 јули 2024
Кратко пред да ја прослават 25-тата годишнина, Дејвид и Викторија Бекам се соочуваат со нови гласини за неверства. Според британски автор, низ годините, фудбалерот спиел со многу жени, претежно модели, а можно е да бил и со Шарлиз Терон.
Дејвид и Викторија Бекам повторно се соочуваат со гласини за неверство.
Овој пат, наводните афери на фудбалерот се спомнати во нова книга, The House of Beckham, од британскиот автор Том Бауер.
Бауер, кој беше новинар на BBC и телевизиски продуцент, е познат по истражувачкото новинарство и веќе има издадено книги за познати личности како кралот Чарлс и поранешниот британски премиер Борис Џонсон.
Авторот на книгата, која беше издадена кон крајот на јуни годинава, тврди дека низ годините, Дејвид имал бројни афери.
Покрај аферата со асистентката, за која Дејвид и Викторија зборуваа во документарецот на фудбалерот, Дејвид наводно спиел и со други жени откако се венчал со дизајнерката.
Дејвид и Викторија се венчаа во 1999 година, а авторот пишува дека фудбалерот ја изневерил уште во 2002 година.
Имено, тогаш тој спиел со моделот Селина Лори додека бил во Данска.
Во книгата е спомната уште една афера за која се зборуваше и во јавност. Наводно, фудбалерот спиел со козметичарка по име Даниел Хит, и тоа во домот што го делел со Викторија.
Дејвид веќе ја има негирано аферата.
Потоа, во 2017 година, Дејвид бил на музичкиот фестивал Glastonbury каде што флертувал со модел, а подоцна заедно отишле на забава во „таен клуб“.
Според авторот, истата вечер Дејвид флертувал и со друг модел.
Тој тврди дека тогаш Викторија се посомневала дека се случува нешто бидејќи не ѝ се јавувал на телефон, па со хеликоптер отишла до местото каде што бил фудбалерот.
„Почнаа жестока расправија за само неколку секунди“, пишува Том Бауер.
Тој викенд со нив бил и Бруклин, нивниот најстар син, кој пробувал да ги смири родителите.
Авторот тврди дека Дејвид флертувал и со актерката Шарлиз Терон на натпревар на Светското првенство во фудбал во 2010 година.
Тој вели дека веројатно не се случило ништо повеќе од флерт, но „не ги тргале очите еден од друг во текот на целиот натпревар“.
Според авторот, Дејвид имал навика да гледа во други жени, дури и кога бил со Викторија.
Тој вели и дека Викторија била свесна дека се случува нешто, а најмногу се разочарала кога фудбалерот во интервју изјави дека „бракот е тежок“.
Авторот оди дотаму што вели дека Викторија ја изгубила самодовербата поради однесувањето на Дејвид и, донекаде, тоа е причината што почнала да прави пластични операции.
А, имало и моменти кога сериозно размислувале и за развод.
Сепак, тие останале заедно бидејќи како пар, веќе создале моќен бренд и сметале дека ќе бидат многу поуспешни како „Бекамови“, отколку ако се разделат.
Дејвид и Викторија уште се немаат огласено за нова книга, но дизајнерката подрани со честитката за нивната годишнина.
На 4-ти јули тие ќе слават 25 години брак, а по тој повод, Викторија објави ретро фотки од нив двајцата.
„Портофино во 1997-ма беше многу, многу романтично патување. Се сеќавам колку бев среќна што сум таму со Дејвид за првпат.
Интензитетот меѓу нас во тие 48 часа беше неверојатен… Бакнежи“, стои во описот.
Спирова С. | Црнобело