„Сè наоколу мириса на урина“ – Тори Спелинг со петте деца пак на улица, откако ја уништила куќата што ја изнајмуваше
- Детали
- среда, 12 јуни 2024
„Куќата целосно е уништена“ – вели еден од поранешните соседи на актерката Тори Спелинг, откако таа набрзина со петте деца морала да го напушти домот што го изнајмуваше. Наводно, во седумте месеци додека семејството живеело таму, тие направиле огромна штета.
Поранешната ѕвезда на хит-серијата Beverly Hills 90210, Тори Спелинг, повторно е на улица.
Минатата година беше топ тема откако со децата живееше во камп приколка, а сега по седум месеци морала да си замине од куќата што ја изнајмуваше.
Како што пишуваат светските медиуми, повикувајќи се на изјави од соседите, актерката заедно со петте деца набрзина ја напуштиле луксузната куќа каде што живееле.
Тори ја изнајмуваше куќата по цена од 15.000 долари месечно, а во неа имаше пет спални соби и 3 тоалети, како и базен и спа-центар.
Засега не е познато зошто актерката морала набрзина да си замине од куќата, но според изјавите на соседите, таа и нејзините деца комплетно го уништиле имотот.
На фотографиите што ги објави Daily Mail, се гледа дека сопственикот на имотот, по заминувањето на Тори, морал на улица да извади дел од уништениот мебел, перници и транспортер за миленици.
„Можам само да кажам дека се сомневам дека таа ќе си го добие безбедносниот депозит назад. Насекаде мириса на урина. Мириса каучот, перниците и целиот дом. Ѕидовите се изгребани, којзнае од што“ – вели еден од соседите во изјава за медиумите.
Тој нагласи дека по нив морал да дојде посебен тим за чистење кој неколкупати наполнил голем контејнер за да го исчисти ѓубрето.
Инаку, познато е дека Тори е голем љубител на миленичиња, па така таа низ годините чувала кучиња, кокошки, свињи, морски прасиња, па дури и змеј.
Наводно, актерката платила 7.500 долари безбедносен депозит кога се вселила во куќата, која била целосно уредена.
„Не верувам дека тие пари ќе ги покријат штетите што тие ги направиле.
Толку чини да се заменат само двата уништени каучи, а погледнете колку луѓе работат за да го вратат имотот во иста состојба како што беше пред Тори да се всели“ – вели соседот.
Засега не се знае зошто точно Тори се отселила од куќата што ја изнајмуваше, а не е познато ниту каде престојува во моментот.
Минатата година таа со децата мораше подолг период да живее во камп-приколка и во евтини мотели, по разводот со Дин Мекдермот.
Прочитајте и Ѝ го исцица богатството, па ја остави на улица – Тори Спелинг за првпат искрена зошто не се развела веднаш од сопругот
Б. С. Б. | Црнобело