Следете во живо: Лансирање на леталото што ќе однесе луѓе на Месечината, со најголемата ракета во светот
Со програмата Артемида, НАСА планира да испрати луѓе на Месечината, и тоа до 2025 година. Денес (29-ти август) ќе биде лансирана првата мисија од програмата со која ќе се тестираат ракетата и леталото кои треба да го однесат екипажот на нашиот сателит.
Првпат по речиси 50 години, НАСА работи на мисија за испраќање луѓе на Месечината, а денес, 29-ти април, имаме можност да го видиме првото лансирање.
Програмата Артемида ја сочинуваат четири мисии кои треба да се реализираат до 2027 година.
Првата мисија, Артемида 1, е лансирање на огромна ракета која ќе ја заобиколи Месечината со цел да собере податоци за идните мисии.
Останатите три мисии ќе вклучуваат и екипаж.
Ракетата, позната како SLS (Space Launch System), е најголемата која е направена досега и има висина од 93 метри.
На ракетата се наоѓа и леталото Orion во кое ќе биде сместен екипажот во идните мисии.
Инженерите од НАСА работат на програмата повеќе од една деценија, а се надеваат дека со овие мисии не само што повторно ќе ја посетат Месечината, туку и ќе го овозможат патувањето на луѓето дури до Марс.
Целта на Артемида 1 е да се тестираат ракетата и леталото кои до 2025 година треба да ги однесат астронаутите до Месечината.
Исто така, со оваа мисија ќе се проверат и условите за слетување на Месечината за идните три мисии.
Мисијата ќе трае 42 дена, а леталото ќе ја заобиколи Месечината. Патувањето од Земјата до Месечината ќе трае 10 дена, а леталото ќе помине две недели во нејзината орбита, на само 100 километри над површината.
Ако сè оди според планот, леталото ќе се врати на земјата на 10-ти октомври.
Лансирањето е закажано за денес, 29-ти август, во 14:30 часот, а во продолжение можете да го следите и во живо:
Сепак, од НАСА истакнуваат дека сосема возможно е лансирањето да биде откажано доколку се појават и најмали пречки бидејќи станува збор за скапа мисија во која не смеат да си дозволат проблеми.
Како што веќе спомнавме, ова е само првата мисија од програмата која има за цел да ги врати луѓето на Месечината.
Следната мисија, Артемида 2, е закажана за 2024 година. Со оваа мисија повторно ќе се тестираат ракетата и леталото, но овојпат со екипаж.
Третата мисија е закажана за 2025 година и со неа екипажот ќе слета на површината на Месечината. Екипажот ќе го сочинуваат четворица астронаути, од кои двајца ќе поминат шест дена на површината на Месечината.
Со четвртата мисија ќе почне изградба на вселенска станица во орбитата на Месечината, позната како Lunar Gateway Station.
Според планот, оваа вселенска станица ќе биде како почетна точка за идните патувања до Марс со екипаж.
Спирова С. | Црнобело
фото: NASA