Истражување со ветувачки резултати: „Дали успеавме да го забавиме стареењето со помош на кислород?“
Научниците од Универзитетот во Тел Авив соопштија дека за првпат успеале да забават два биолошки процеси поврзани со стареењето, со помош на терапијата со кислород позната како HBOT.
фото: depositphotos
На клеточно ниво, постојат две нешта што го обележуваат стареењето – намалувањето на должината на теломерите и акумулацијата на таканаречените старечки клетки.
Теломерите се заштитни структури кои се наоѓаат на крајот од хромозомите во нашата ДНК. Нивната задача е да ги штитат хромозомите и да го спречат нивното спојување едни со други. Досега бројни истражувања покажаа дека со возраста, должината на теломерите се намалува, што значи тие се поврзани со процесот на стареење.
Таканаречените старечки клетки се всушност клетки кои престанале да се размножуваат со делба. Нивното акумулирање во организмот е поврзано со многу болести, особено оние предизвикани од староста.
Во некои истражувања со животни се покажало дека елиминацијата на овие старечки клетки може да го спречи развивањето на одредени болести, па дури и да го забави стареењето.
фото: depositphotos
Сега, за првпат, научниците од Универзитетот во Тел Авив успеале да го намалат бројот на старечките клетки во организмот, но и да ги зголемат теломерите кај луѓе. Со други зборови, тие успеале да го забават стареењето на клеточно ниво.
„За првпат успеавме не само да го забавиме процесот кај луѓе, туку да направиме да се одвива во спротивна насока. Забележавме издолжување на теломерите за повеќе од 20% – нешто што мислевме дека е невозможно за луѓе“, изјави доктор Шаи Ефрати кој го водел истражувањето.
Во истражувањето објавено во Aging-US учествувале 30 здрави испитаници на возраст поголема од 65 години. Тие биле третирани со терапија со кислород позната како HBOT (Hyperbaric oxygen therapy).
Во текот на три месеци, пет дена во неделата, испитаниците поминувале 90 минути во компресирана просторија, дишејќи 100% чист кислород од маска. На одреден интервал правеле и 5-минутна пауза за да дишат обичен воздух.
фото: depositphotos
Имено, оваа терапија била користена за разни проблеми како, на пример, труење со јаглероден моноксид. Сепак, терапијата што се користела во истражувањето се разликува од онаа во болниците – на секои 20 минути, испитаниците ја ваделе маската кислород, со тоа предизвикувајќи брзо опаѓање на нивото на кислород во организмот. Ова, пак, предизвикувало верижна реакција.
„Има биолошка каскада што го иницира создавањето на ново ткиво и, уште поважно, забележавме дека на клеточно ниво, ги активира теломерите“, вели Ефрати.
Доктор Ефрати се инспирирал да работи на истражувањето после студијата на НАСА со близнаците од пред некоја година.
Во истражувањето учествуваа двајца близнаци, од кои едниот беше извесен период во вселената. Откако се врати, тој имаше подолги теломери, а оној што остана на Земјата си имал нормално скратување на теломерите.
Терапијата што ја користел Ефрати има сличен ефект со кислородот што го дишат астронаутите, а токму тоа го инспирирало.
„Кога го видов истражувањето си отворив шампањ. Сите мислеа дека сум луд, но тоа значеше дека кога ги менуваме условите во околината, можеме да ја промениме и основната биологија и да ја зголемиме должината на теломерите. Ова е свет грал во истражувањата против стареењето“, вели тој.
фото: NASA
Бидејќи за многумина ова откритие звучи премногу добро за да биде вистинито, важно е да се напомене дека Ефрати со години работи во оваа област, па не е ни чудно што конечно видел резултати.
„Ако ова беше магија, немаше да ми требаат 20 години да стигнам дотука. Ова не е магија, ова е напорна работа“.
Ефрати нагласува дека иако терапијата звучи ветувачки, таа не е волшебно решение за здравствените проблеми поврзани со староста.
Според него, дури и ако терапијата ни стане достапна, животниот стил сепак ќе има голема улога во процесот на стареење. Ова значи дека ако некој ја користи терапијата но не вежба, пие многу алкохол и генерално води нездрав живот, нема да почувствува голема разлика.
За жал, третманот на Ефрати најверојатно нема да биде достапен за јавноста уште долго време. Третманот бара макотрпна работа, скапа специјализирана опрема и одзема многу време.
Други лаборатории веќе почнале да се обидуваат да ја копираат неговата терапија, но Ефрати тврди дека ова не е процес со којшто можеме да си дозволиме да избрзаме.
„Се справуваме со човечка биологија и човечко здравје. Од голема важност е да го направиме ова правилно и квалитетно, без да бараме скратен пат“.
Спирова С. | Црнобело