„Убиј го таткото“ и уште 2 возбудливи трилери кои бараат силни нерви
Три возбудливи трилери кои бараат целосно внимание и силни нерви, од првата до последната страница.
Доколку сте љубители на овој жанр, задолжително мора да одвоите време за:
Убиј го таткото – Сандроне Дациери
Данте Торе поминал 11 години во заробеништво – затворен во бетонските ѕидови од страна на човек познат само како Таткото. Но успеал да го надмудри киднаперот. Сега работи за полицијата во Рим и неговите методи се малку невообичаени, но неговата генијалност е очигледна.
По едно морничаво злосторство, сите докази упатуваат на тоа дека Таткото повторно е активен по декади криење… и дека сака повторна средба со Данте.
Ловци на фазани – Јуси Адлер-Олсен
Во 1987 година, во викендичка во северна Данска, сурово се убиени брат и сестра. Полицијата се сомнева дека убиецот е дел од една приватна гимназија во која учат децата на најбогатите семејства во земјата.
Учениците од ова елитно друштво се познати по организирање насилни оргии. Сепак, истрагата е попречена од високи полициски инстанции.
Дваесетина години подоцна, случајот повторно е на масата на полицискиот инспектор Карл Морк, брилијантниот детектив што раководи со Секторот Q – одделението за нерешени случаи.
За него станува јасно дека не е сè така како што изгледа на прв поглед.
Мистерија – Федерико Аксат
Кога Тед Мекеј дознава дека боледува од неизлечива болест решава да стави крај на неговиот живот. Во моментот кога е подготвен да го повлече чкрапалото, некој му заѕвонува на вратата со необичен предлог.
Предлогот е да убие двајца луѓе од кои едниот е криминалец, а другиот болен човек како него.
Откако би го сторил тоа, тој ќе биде следниот за отстрел како дел од самоубиствен ланец. Така семејството полесно би го прифатила фактот на убиство, отколку самоубиство.
Но, додека Тед ги врши убиствата, нешто му е чудно и сомнително. Местата на злосторствата ги знае, ги препознава куќите, како и мажите кои се негова цел.
(О)Милена | Црнобело