„Еден од нас лаже“ и уште две нови хит летни изданија во светот на читателите
Дали сте подготвени за нови летни изданија кои предизвикаа вистински бум во светот на посветените читатели?
Доколку сте еден од нив, нема да може да им одолеете на следните три нови наслови:
Еден од нас лаже – Карен М. Мекманус
„Неверојатните пресврти и исклучителните ликови придонесуваат за возбудлива авантура која ќе ја проголтате во еден здив.“
На дополнителна настава како казна затоа што носеле мобилни телефони на часот се повикани петмина ученици: паметната и вредна Бронвин која треба да го продолжи школувањето на Јејл; Ади, типична убавица и совршена девојка на Џејк; Купер, играч на бејзбол со голема спортска кариера на повидок; младиот престапник Нејт кој е на условна казна и Сајмон, одметник и основач на блог во кој ги открива тајните на своите соученици.
Но кога од училницата живи ќе излезат само четворица, се отвора кругот на присилни пријателства, тајни и откритија – сè со цел да се пронајде убиецот на Сајмон.
Прашај ме повторно, ќе ти речам „да“ – Мери Бет Кин
Френсис и Брајан се двајца полицајци-почетници во њујоршката полиција, кои живеат еден до друг во соседство надвор од градот. Она што се случува во двете куќи зад затворени врати – осаменоста на сопругата на Френсис, Лена, и нестабилноста на сопругата на Брајан, Ен – поставува сцена за експлозивни настани што следуваат.
Прашај ме повторно, ќе ти речам „Да“ е приказна за долгогодишното пријателство и љубовта помеѓу ќерката на Френсис и Лена, Кејт, и синот на Брајан и Ен, Питер, што никого нема да остави рамнодушен.
Се гледаме во Хавана – Шанел Клитон
Хавана, 1958 година. Исабел, Беатрис, Елиса и Марија, прочуените сестри Перес, се ќерки на кралот на шеќерната династија. Додека мажите од семејството Перес се посветени на судбината на земјата или се на страната на Батиста, тие безгрижно растат во луксузот и во богатството на високото друштво.
Но, набрзо граѓанската војна се разгорува и во срцето на Хавана: на сцената на животот, еден свет се гаси, друг се раѓа во исто време, а Елиса почнува жешка авантура со еден млад револуционер, полн со идеали. 60 години подоцна, внуката на Елиса - Марисол, се враќа во Хавана, каде што ја дочекува вечната убавина на зовриената Куба, но и опасна политичка ситуација.
(О)Милена | Црнобело