„Имавме поголеми шанси да го преживееме холокаустот отколку розовото шамивче во сакото“
Крајот на годината изобилува со нови, прекрасни книжевни наслови. Имаме неверојатен стрип преведен на македонски јазик кој илустрира деликатна, сурова тема на која речиси никој не сака да зборува.
За љубителите на возбудливите акции и трилери тука е најновата книга на Стивен Кинг, а една мрачна мистерија ќе ве остави без сон… која?
Пресметка - Ирса Сигурдардотир
Ова е втората книга од серијалот „Детската куќа“. Малата Вака седи на студените скали пред своето ново училиште, чекајќи да ја земат нејзините родители.
Наскоро ѝ се придружува девојче од нејзиното одделение, кое веднаш го препознава поради необичната појава: му недостигаат два прста на едната рака.
Девојчето дава предлог. Вака да го искористи телефонот во домот на девојчето, а потоа да продолжат да си играат.
Но, откако ќе влезе во нивната куќа, веќе никогаш нема да излезе. 12 години подоцна, во истото училиште е пронајдено писмо со иницијали на луѓето што треба да умрат во 2016 година. Како овие настани повторно ги спојуваат детективот Хулдар и психологотот за деца Фреја?
Во Италија сите се мажи - Лука де Сантис и Сара Колаоне
Помеѓу 1938 и 1943 година, околу 300 хомосексуалци беа интернирани на еден остров во јужна Италија. Бидејќи не постоеше законска одредба со која би се оправдала ваквата мерка, одлуката беше спроведувана од локалните полициски управи.
Ова е приказна за 75-годишниот Антонио, наречен Нинела, кој како млад човек бил заточен во еден таков логор.
„Првично со законските измени беше додаден и параграф за таквите како мене… …кои нацистите во Германија ги носеа во логорите заедно со Евреите.
Тогаш Мусолини рече: „Нам не ни требаат такви закони, во Италија сите се мажи!“ Конечно, одлуката дали ќе нѐ пратат во притвор, но како „политички затвореници“, беше на полициските управи.“
Тркачот – Стивен Кинг
Бен Ричардс нема работа и нема среќа. Неговата 8-месечна ќерка е болна и ниту Бен ниту неговата сопруга не можат да си дозволат лекар.
За човек од сиромашната страна на градот без пари и надеж, постои само едно нешто што може да го направи: да стане натпреварувач во една од „Игрите на Мрежата“, шоу во кои можеш да заработиш повеќе пари отколку што некогаш си сонувал – или да умреш.
Бен станува дел од најгледаното шоу и е во опасност да стане плен на масите…
(О)Милена | Црнобело