Книгата засекогаш ќе биде во мода - три нови наслови кои треба да ги прочитате оваа есен
Книгата е една од оние работи кои засекогаш ќе останат во мода. Таа е како сонување со отворени очи, како патување без да се помрднеш од собата.
Оваа есен ни носи нови, возбудливи наслови на македонски јазик.
Доколку сакате да прочитате нешто добро и квалитетно, овие 3 наслови ставете ги на врвот на списокот со читачки приоритети:
Една страшна зима - Лиса Клејпас
Еванџелин Џенер бара помош од најзлогласениот ерген во Лондон со кого склучува договорен брак. Тоа е единственото решение за да избега од нејзините злобни роднини.
Себастијан е згоден виконт и голем женкар. Никој не го замислува со срамежлива девојка покрај себе која пелтечи кога е нервозна. А тој ја посакува повеќе од која било друга девојка.
Сепак, и таа е решена да го освои неговото ледено срце. Тие склучуваат пакт: доколку Себастијан успее да не спие со ниту една жена 3 месеци, таа ќе биде целосно негова…
Зад нејзините очи - Сара Пинбороу
Луис е самохрана мајка, која води монотон живот. На едно од нејзините ретки излегувања, во еден бар запознава млад човек со кого ќе се бакне. Кога Луис пристигнува на работа во понеделник, таа го запознава новиот шеф Дејвид.
Тој е човекот од барот… и е женет. Дејвид признава дека бакнежот бил ужасна, непромислена грешка.
И, тогаш Луис ненадејно ја запознава Адел, која е нова во градот и има потреба од пријател. Но, наскоро дознава дека токму Адел е сопругата на Дејвид… и почнува да се прашува – зошто Адел толку се плаши од него?
10 минути и 38 секунди во овој чуден свет - Елиф Шафак
Што ако по смртта човековиот ум продолжува да работи уште неколку скапоцени минути? Или, поточно, 10 минути и 38 секунди?
За Лејла секоја минута по нејзината смрт ѝ навраќа спомени: семејната тајна за нејзиното раѓање; детството во мирното турско гратче; вкусот на манџата направена од месото на козата што татко ѝ ја жртвува за да го прослави раѓањето на долгоочекуваниот син; бегството во Истанбул за да го избегне несаканиот брак; вкусот на чоколадните бонбони што ги јаде со згодниот студент во борделот во кој работи…
(О)Милена | Црнобело