Интересни ликови од светот на книжевноста кои би посакале да се реални
Многупати ми се има случено да седам дома, во фотелја и со книга во раце, да почнам да замислувам како ликовите кои ги среќавам во книжевните светови одеднаш ги прекршуваат бариерите на двата света и се појавуваат токму пред мене.
Небаре сум им најдобар другар и ме повикуваат да им се придружам на некоја авантура, или сите заедно да ѕирнеме следното поглавје од нивното постоење.
Оние кои се навлезени во читањето сигурно ќе ги препознаат ликовите кои се наоѓаат во продолжение од текстот.
А, оние кои сомнително гледаат на имињата нека си дадат предизвик да ги исчитаат делата, чија срж и двигатели на приказната се самите тие.
Малиот принц (Малиот принц)
Автор: Антоан де Сент - Егзипери
Изгледа дека Малиот принц е можеби еден од најмудрите ликови во историја на литературата. На прв поглед се чини како беспомошно дете кое талка во време и простор, но неговото трагање се залага со едно од најсуштинското прашање за човекот – што е тоа живот?
Хаклбери Фин (Авантурите на Хаклбери Фин)
Автор: Марк Твен
Уште пред појавување на хипи-движење, бит-генерации, Џек Керуак и ликови како него, измислениот Хаклбери Фин на Марк Твен, одамна имаше поминато незаборавни авантури по Мисисипи.
Овој шармантен детски лик е еден од најпрепознатливи ликови во книжевноста. Неговата потрага по слобода и борбата против расизмот го прават едно од најкул детски ликови, кој секој би сакал да има таков пријател во својот живот.
Сноубол (Животинска фарма)
Автор: Џорџ Орвел
На списокот може да додадеме и лик, кој не е човек, туку животно. И доволно е да се спомене Џорџ Орвел и веднаш да сфатиме дека станува збор за свињата Сноубол, што заедно со своите другари Наполеон и Сквилер започнуваа тајна активност за подготовка на бунт на фармата.
Грижлива, филозофски настроена и оптимистична- тоа е свињата Сноубол.
Дон Кихот (Дон Кихот)
Автор: Мигел де Сервантес
Воопшто не е за чудење што Дон Кихот се смета за еден од најголемите книжевни ликови на сите времиња. Преку приказната на Дон Кихот и Санчо Панса, авторот сака да ги исмее лажните и неубави витешки романи преку несреќен, безумен и необичен карактер.
Ова е лик со возвишена душа и идеали, кој со самата негова појава е хумористичен и незаменлив.
Автор: Х. Е. | Црнобело