Што читаа познатите Македонки на плажа во лето 2024?
Што читаа познатите Македонки на плажа ова лето? Кои се нивните книжевни препораки и за што се работи во четивата што нашите познати дами ги објавуваат на социјалните мрежи?
Некои читаат „прирачници“ за тоа како да останат самостојни и независни во врските, други пак книги во кои се зборува за пренесувањето на семејните трауми.
На некои им се допаѓаат приказните за стариот Холивуд, на други пак, приказните што ги инспирираат новите серии на Нетфликс.
Голем број луѓе уживаат деновите на плажа да ги поминат со добра книга, а по сè изгледа исклучок не се ниту познатите Македонки, кои летово додека одмараа на различни дестинации не заборавија со себе да понесат и по едно книжевно дело.
Погледнете што читаа нашите познати дами на плажа ова лето:
Јелена Спенџарска
„Не почна од тебе“ – Марк Волин
Јелена летово се пофали со повеќе книги, од кои некои беа на англиски јазик.
Меѓу книгите што се преведени на македонски е книгата на Марк Волин, во којашто се зборува за наследената семејна траума.
Според авторот на книгата, депресијата, анксиозноста, хроничната болка, фобиите и опсесивните мисли често може да ни бидат пренесени преку родителите, или преку бабите и дедовците.
Дури и кога личноста што ја преживеала траумата веќе не е со нас, емоциите и сеќавањата може долго време да бидат живи и да се пренесуваат.
Ова емотивно наследство често останува скриено, а често не сме ниту свесни како тоа влијае врз нашиот емотивен живот.
Миа Костова
„Седумте мажи на Евелин Хуго“ – Тејлор Џенкинс Рид
Миа Костова ова лето одлучи да го прочита романот кој нè навраќа на гламурот на стариот Холивуд, животните приказни на гламурозните ѕвезди како Елизабет Тејлор, Марлен Дитрих, но и Мерлин Монро.
Овој роман се врзува за приказната на гламурозната холивудска актерка Евелин Хуго, раскажана од страна на младата репортерка Моник Грант, на која ѝ се укажува животна можност да направи интервју со 70-годишната ѕвезда.
Низ перспективата на Моник ја следиме приказната за Евелин, за нејзините седум сопрузи, но и за тоа како тие влијаеле врз нејзината кариера и живот.
Додека Моник ја пишува сторијата на Евелин, ниту сама не е свесна дека ќе открие сосема неочекувани работи за себе коишто ќе ја натераат да се справи со сопственото минато и идентитет.