3 нови книги што ќе си поиграат со вашиот ум
Книгите се прозорци кон светот, а доколку го насочите вашиот поглед кон нив ќе ви се отворат видиците и без сомнеж ќе научите многу повеќе.
Овојпат за вас имаме 3 нови предлози кој ќе си поиграат со вашиот ум и ќе ве натераат да размислувате малку повеќе и да го анализирате крајот:
Верити - Колин Хувер
Верити Крафорд е позната писателка на хит серијал. Но, таа доживеала сообраќајна несреќа. Сега нејзиниот сопруг Џереми е во потрага по нова писателка која ќе напише уште 3 нови книги, со цел да го заокружи серијалот од 9 на Верити.
Ловен одвај врзува крај со крај, малкумина ја знаат како автор, а мајка ѝ штотуку починува. Кога ја добива понудата на Џереми, ја прифаќа со доза сомнеж, но заминува на богатиот имот на необичниот брачен пар.
Во работната соба на Верити, наместо белешките за нејзиниот нов роман, таа ја наоѓа нејзината неиздаденa автобиографија. А во неа се кријат мрачни тајни, кои го откриваат вистинското лице на Верити… Ловен се прашува – дали Џереми треба да дознае каква навистина била неговата сопруга?
Изгубениот ред - Стив Бери
Најголемата и најопасната тајна организација во американската историја била Витезите на Златниот круг, основана на 4 јули 1854 година.
Тие имале големи планови: да се прошири САД, да се смени уставниот состав и да се создаде Јужна империја, создавајќи „златен круг“ на двата континенти. Редот, за да ги финансира своите цели, собрал неверојатно богатство од украдено злато и сребро, кое го закопале низ цел САД.
Ловците на богатството пребарувале со децении, но никогаш не нашле ниту една од главните резерви на Редот. Сега, 160 години подоцна, витезите сè уште постојат. Две групи во рамките на Редот сакаат богатство – едните да го потрошат, а другите да го зачуваат.
Во сенката на злосторот - Хелена Хеншен
Во познатото шведско семејство Фон Сидов, на 7 март 1932 година, се одвивала крвава драма. Таа не престанала да го интригира вниманието на јавноста сè до денес.
Толку голем шок и интерес од пошироката јавност предизвикале само убиствата на шведскиот премиер Улоф Палме и на министерката за надворешни работи Ана Линд.
Во Стокхолм, студентот по право Фредрик фон Сидов со железна прачка ги убил својот татко Јалмар, окружен судија и претседател на шведското Здружение на работодавците, и нивните две слугинки. Заедно со својата сопруга Софи избегал во хотел во Упсала, каде што, откако ги пронашла полицијата, со пиштол ја застрелал сопругата, а потоа и себеси.
Зошто го направил тоа?
(О)Милена | Црнобело