Што да прочитате на плажа ова лето? (втор дел)
Веќе ви ги дадовме првите три предлози книги кои би можеле да ви прават друштво на плажа ова лето, што значи дека е време за нови предлози кои ќе ве освојат под мирното сонце и брановите покрај вас.
Македонски трилер, култниот роман на најпродаваниот бугарски автор Георги Господинов и историска драма, ова и воопшто не е прашање на избор, едноставно спакувајте ги сите три и уживајте:
Девици и волци – Александар Алексов
Евгенија е главниот лик во најновата книга на младиот македонски автор Александар Алексов.
Таа е водена од инстинктот и има само една цел – да ги казни монструмите од своето детство.
Решена дека го мрази целиот машки свет и одмазднички настроена кон секој од нив, нејзината челична волја ќе се поколеба кога ќе го запознае Антониј, шармантен и нетипичен полициски инспектор.
Антониј е воден од непоколебливото чувство за правда, Евгенија од чувствата на омраза и одмазда.
Дали нивната љубов може да успее и покрај гревовите кои Евгенија ги извршила во минатото?
Тајната колиба на плажата – Сара Џио
Дејствието е сместено за време на Втората светска војна, кога 21-годишната Ен Келовеј носи храбра одлука – да ја напушти својата земја со цел да ѝ служи на Армијата на медицинските сестри на островот Бора-Бора.
Таму го запознава мистериозниот Вестри, војник со кого започнува тајно да се состанува во мала напуштена колиба на плажата, некогашен дом на одамна починат сликар.
Ен и Вестри градат свој мал свет скриен од очите на сите други, сè додека е станат сведоци на убиство во близина на колибата.
Вестри одеднаш е преместен на друга воена локација и му се губи трагата… 70 години подоцна, старицата Ен Келовеј ја раскажува својата љубовна приказна.
Природен роман – Георги Господинов
Мајсторското дело-првенче на најпопуларниот бугарски автор Господинов со кое ја освои публиката уште во 1999 година ретко можеше да се пронајде во Македонија, бидејќи тиражот е одамна распродаден.
За среќа, многу години подоцна, конечно можеме да уживаме во новиот тираж на „Природен роман“ на Господинов во издание на Или-Или.
Секојдневна, но толку богато раскажана приказна низ различни фрагменти на човек кој проживува развод. Имате чувство дека сте гостин во книгата, додека брзо ги прелистувате парченцата од сложувалката наречена „секојдневен живот“.
Монологот се претвора во чудесна, компулсивно читлива книга која вешто ја навестува празнината и тагата во срцевината на нараторот.
Лесниот и јасен стил на изразување и немањето страв од табуата на современиот човек вплеткан во постмодернизмот, го прават овој роман исклучително „чукнат“, но истовремено прекрасен.
(О)Милена | Црнобело