„Дениција“ на Петре М. Андреевски наполни 50 години!
Сте се запрашале што означува буквата М во средината помеѓу името Петре и презимето Андреевски? Всушност, Петре Мито Андреевски е неговото целосно име, а тој е можеби најголемата македонска прозна и поетска гордост.
Тој е „Пиреј“ кој вирее и расте дури и кога сте го подзаборавиле на полиците (доколку тоа е возможно), тој е „Вечна куќа“ во која живеат „Последните селани“, тој ги знае „Сите лица на смртта“.
Тој е авторот на нашата омилена „Касни-порасни“ од детството, и уште поважно – оној кој ја љубеше „Дениција“. Оној кој нè разгали и нè натера да копнееме да сме нечија Дениција и да нè љубат онака како што тој ја напиша неа–топло, искрено и бескрајно.
Токму така, некои книги се вонсериски и вонвременски, а „Дениција“ на Петре М. Андреевски се вклопува во описот.
Оваа година, „Дениција“ полни цели 50 години од нејзиното издавање во 1968 година.
Во таа чест, прочитајте и потсетете се на дел од најубавите стихови посветени на Дениција:
Кога бев со неа јас дишев во сите светови
оти во неа ce среќаваа сите страни на светот.
Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња,
и ќе те љубам и губам и во пoсти и пред гости
само да ме сакаш.
Кога имавме сенка имавме и часовник,
кога имавме добиток имаше и кој да ги подржува
нашите нокти и нашата подноктица,
леле моја тајно,
моја убавице.
Нејзината воздишка беше граница
меѓу раздуваниот жар во јужните овошки
и успаната вода во зимските метали.
Таа ce појавуваше од секаде
и мојата брсјачка нежност ја споредуваше
со прошетките на војникот
посред друмот од куршумот.
По нејзината воздишка го запомнував воздухот
за да можам да ја стигнам, незабележан од никого,
но таа беше побрза од сите небесни светлини,
зашто секаде сама си го осветлуваше патот.
Cè што ce уништуваше беше заради неа
и cè што ce обновуваше беше заради неа.
Секој што влегол во нејзината соба
заборавил на огнот што го допира водата,
Секој што влегол во нејзината соба
заборавил да се врати дома.
Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот…
Дениција дишеше како да ставаше течни запирки,
како да свиреше на тамбура, како да се чешлаше
и од нејзината воздишка можеше да се научи,
дека секој ден е ден последен
Доближи се како цветот што има корен на небото
и по бојата на твојата уста ќе погодам
во кој овошен плод ќе заврши летото.
Во тебе бев заљубен уште пред моето и твоето создавање,
пред првата ноќ, разгазена од првата светлосна светулка.
Ти си најцелосниот душман на моите душмани
и јас ќе бидам победен од моите омилени слабости.
Поради неа се’ уште не можеше да се дознае
дали е постаро јајцето или пилето,
гладот или жедта.
Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.
Ти ме приѕираш и од небото и од земјата,
а мене никако не ми успева да ти кажам
дека и мојата смрт започна по твојата
и дека блажено е да се живее, а поблажено да се умира,
мислејќи само на тебе, Дениција…
(О)Милена | Црнобело