Кај нас руска и кифлички, во Исланд книги за Нова година
Замислете го следново сценарио: Во пресрет на новогодишните и божиќните празници од вашите домашни добивате мало пакетче, а во него се крие – книга.
Веројатно се смешкате на ваквото сценарио, бидејќи ви се чини бесмислено, будалесто и нереално.
Но, во Исланд ова е една од најубавите празнични традиции, особено за време на божиќните празници. Обичајот познат како Jolabokaflod грубо може да го преведеме како Божиќна поплава со книги.
Традицијата започнала за време на Втората светска војна, кога хартијата била една од малкуте работи кои не биле забранети за употреба и немало недостаток од истата токму во Исланд.
Бидејќи постоел недостаток од многу други работи, Исланѓаните ја започнале традицијата на подарување книги, што се задржала и до ден-денес, обликувајќи ги во една од нациите кои се најмногу зависни од читање книги.
Имено, истражување утврдило дека 50% од Исланѓаните читаат повеќе од 8 книги годишно, а дури 93% прочитале минимум една книга во текот на годината, што е навистина завидна бројка.
„Културата на подарување книги е длабоко вкоренета меѓу фамилиите како божиќен подарок. Вообичаено, тие се подаруваат ноќта пред католичкиот Божиќ, односно на 24 декември и целата ноќ се поминува во читање на подарокот“.
Откако ќе се поделат подароците, секој се засладува со шолја топло чоколадо, се повлекува во својот омилен простор и започнува со читање на добиената книга.
Прекрасна традиција, зарем не мислите?
(О)Милена | Црнобело