Време за љубов и полудување - 3 книги кои нема да сакате да ги позајмите никому
Кое е вистинското време за читање книги? Секое време од денот и ноќта.
Па доколку сте обожавател на романите на Колин Хувер и оние на Пауло Коелјо, или пак имате желба да прочитате нешто ексцентрично, шокантно и уникатно, ви ги препорачуваме следните 3 книги во чија содржина несомнено ќе уживате.
А сите вие кои не сте прочитале ништо од горенаведените автори, време е да ја поправите својата грешка:
Можеби некогаш - Колин Хувер
Фантастичната Колин Хувер повторно ни носи приказна која ќе ни ги разгали срцата.
Сидни е среќна 22-годишна девојка која живее со својата најдобра другарка и има момче кое ја обожува. Но неочекувано дознава дека двајцата ја изневеруваат позади нејзиниот грб.
Одеднаш се наоѓа на улица, без дом и без идеја каде да продолжи понатаму.
Риџ е момчето со кое Сидни не споделила ниту еден вербален збор, бидејќи го слуша само навечер како свири гитара на неговата тераса. Тој ѝ го нуди својот дом, но и нешто многу повеќе од тоа.
Тој ѝ предлага на Сидни да започнат да пишуваат музика заедно, па и покрај тоа што неговото срце е веќе зафатено, се дели на половина откако ќе почне да ја запознава Сидни. Дали нејзината половина ќе надвладее над онаа за Меги, девојката на Риџ?
Искрено, емотивно и бескрајно љубовно четиво. Задолжително прочитајте го и вториот краток дел - „Можеби никогаш“.
Вселенски ангели - Ејнар Мар Гудмундсон
Паул е роден истиот ден кога Исланд се вклучува кон НАТО. Овој и уште многу други инцидентни феномени го загрижуваат дека на некој начин ќе ја обликуваат судбината на Универзумот.
Кој е единствениот логичен чекор откако љубовта на вашиот живот ќе ве откачи? Нормално, да полудите. За младиот чувствителен Паул ова станува реалност. Тој буквално полудува, а додека Паул тоне во депресија и безнадежност и се бори со разумот и срцето, неговото семејство решава да му помогне и го носи во душевна болница.
Смешно и траги-комично, роман кој нема да ве остави рамнодушни.
Шпионка - Пауло Коелјо
Кога ќе ги прекршите правилата на однесување, мора да ја платите казната за тоа. Мата Хари, една од најмистериозните жени во светската историја, ја раскажува својата приказна преку последното писмо.
Кога пристигнала во Париз, таа била никој и ништо. Без пара во џебот и уште една анонимна жена низ париските улици. Но наскоро ја восхитила и шокирала публиката со своите танци и перформанси. Големите моќници започнале да се тепаат за нејзиното внимание и љубов.
Сепак, кога си нечиј трн во окото не може да поминеш незабележано. Наскоро Мата Хариќе биде уапсена во својата хотелска соба и обвинета за шпионажа.
(О)Милена | Црнобело