5 септемвриски предлози за интернационалниот ден „Прочитај книга!“
Интернационалниот ден етикетиран со слоганот „Прочитај книга!“, традиционално се одбележува на 6-ти септември и нè поттикнува да посегнеме по некој омилен наслов и конечно да ја прочитаме содржината.
Идејата е да се помине денот во читање на книга, сами или пак доколку преферирате поинаку, ова е одлична можност да се подели искуството со останатите.
Читајте на глас, читајте им на своите дечиња или на повозрасните и одбележете го денот онака како што доликува.
Читањето книги ја подобрува меморијата и концентрацијата и го намалува стресот.
Докажано е дека оние коишто редовно читаат имаат тенденција да земат учество во повеќе ментално-стимулирачки активности во текот на животот.
Книгите се забава за која не ви треба специјална покана, бесплатна едукација и временска машина!
Во случај да ви недостасува малку инспирација што да читате или вашата листа на планирани наслови е празна, одберете некој од нашите 5 септемвриски предлози:
Мажите не можеш да ги силуваш – Мерта Тиканен
Финската писателка Мерта Тиканен го објавила овој роман со интригантен наслов во 1975 година, а истиот е екранизиран на филмското платно 3 години подоцна.
Тува Рандерс излегува да го прослави 40-тиот роденден, но забавата завршува кошмарно. Тува е силувана. Во спектарот од илјада емоции кои се мешаат во неа, низ двоумењето дали да му го отсече пенисот на силувачот или едноставно да го убие, Тува носи радикално решение.
За да го преживее сето она низ кое таа поминала таа ноќ, Тува мора – да го силува.
Но-Уи – Лидија Димковска
По „Скриена камера“ и „Резервен живот“, една од најквалитетните современи македонски писателки го промовираше новиот роман со наслов „Но-Уи“.
Топла приказна за љубовта и војната, со чиста и едноставна нарација, „Но-Уи“ ја следи приказната на млада девојка која се вљубува во поранешен фашист во италијанскиот штаб во Сплит.
Низ премрежија и спротивставености, војната остава неизбришлива трага врз нивните животи. Приказна која ќе ја читате со глад, додека ви одѕвонуваат зборовите на авторката: „Човекот е насекаде ист, со исти желби, чувства, надежи и мисли...“.
Ова завршува со нас – Колин Хувер
Животот не бил особено нежен за Лили Блум, но години подоцна таа во огледалото гледа успешна жена со свој сопствен бизнис.
Се чини дека ништо не може да ја помати нејзината среќа, а запознавањето со подеднакво успешниот неврохирург Рајл, изгледа како цреша врз совршениот колач.
Но, што кога нивниот однос ќе се трансформира во љубовен тријаголник со ненадејното појавување на нејзината прва љубов?
Црвена кралица – Викторија Авејард
Светот на Викторија Авејард е поделен според бојата на крвта – сребрена и црвена.
Едните се надредени, другите се робови. Сребрените владеат, црвените мизеруваат.
Сребрените се храбри воини кои поседуваат моќ да управуваат со огнот и водата, доживуваат визии за иднината, може да ги исцелуваат болните.
Мер Бероу е Црвена девојка која смета дека нема никакви изгледа за промена на нејзината иднина. По игра на случајноста завршува како слугинка во палатата на Сребрените и открива дека има скриена моќ да ги промени правилата на игра...
Неисполнето ветување – Линвуд Баркли
Обележана уште како еден победник од ризницата на Баркли, овој трилер исполнет со неизвесност и неочекувани пресврти ќе ги го зголеми адреналинот и брзината на вртење на страниците.
Во типичен мрачен Барклиев стил, приказната е динамична и изобилува со детали.
По смртта на неговата жена и пропаѓањето на весникот во кој работи, Дејвид е приморан да се пресели во малото гратче каде што го поминал детството.
А таму ќе открие семејна тајна која ќе му го промени животот засекогаш.
(О)Милена | Црнобело