3 современи македонски поети кои ќе ви ја вратат вербата во поезијата
Млади, енергични, со смел поглед кон ѕвездите и нескротлива надеж за едно поубаво утре.
Овие тројца македонски поети со нивните книжевни парчиња уметност ќе го сменат вашиот став за поезијата кон подобро.
Ана Голејшка
Првенчето на Голејшка насловено „Љубов на улица“ носи универзална порака содржана во самиот наслов на книжевното чедо, кое претставува совршена симбиоза на приказни, љубовници, Скопје и светот. Рецептот за успех: Суптилно се мешаат меланхолија, нишка хумор, ѕвезди од космосот и соништа во боја, се зачинуваат со прашалници и громогласни, искрени одговори, а се излеваат преку перфектниот начин на изразување на Голејшка.
Природен си како јаболко.
И кога ќе те пресечам.
Има во тебе форми.
Што ми го закиселуваат непцето
кога денот е полн со блажени лажни насмевки.
Ти си освестувањето.
Си ја штрудлираме утрината.
Свиткани во ролна од ќебиња.
А шеќер во прав ни се...
Соништата.
Биљана Стојановска
„Зборовите немаат значење“ сервира поезија која е „во длабок допир со ритуалноста на денот“, ќе каже великанот на македонската поезија Никола Маџиров за дебитанскиот ракопис на Биљана Стојановска. Таа успева да проникне во секојдневните банални ситуации и од нив да извлече мудрост и лекција. Песните се проткаени со неверојатна топлина и емоции толку својствени за обичниот човек.
Да не се убиеја Ромео и Јулија
нивната љубов ќе наликуваше на нашата
Ромео ќе лажеше дека мора да оди на патување,
Јулија, пак, дека ја задржале на работа
за да кисне во кафана
Следниот ден, како ништо да не било,
ќе си го пиеја ритуалното кафе,
ќе си ги допираа стапалата под маса
додека разговараат за приказните во дневните весници.
Да не се убиеја Ромео и Јулија
сигурно ќе си најдеа љубовници.
Ѓоко Здравески
За неговата прва стихозбирка „Палиндром со две Н“ рецензентите ќе напишат:
„Прекрасна љубовна збирка, нешто како обнова на едноставниот, а длабок спој на љубовта и поезијата на македонски јазик...“.
Здравески пишува за навидум едноставни, секојдневни работи и тие звучат природно, неизнасилено и истовремено магично. Начинот на кој ги презентира нештата е веродостоен, не е неискрено ласкав, беспотребно накитен или лажлив, па токму затоа ќе се поистоветите со неговите зборови.
Стилски доследен на својата тематска оригиналност, откако ќе се вљубите во неговите стихови, слободно побарајте ги „Куќичка за птици преселници“ и „Љубaвинa“.
Бевме јас и ти
И една клупа крај замрзнатата фонтана
на излезот од градот
И беше една црква со две кули
И една друга осквернавена од нашите допири
И едни полноќни ловци на октоподи
И еден пес што бега пред разулавените мачки
И јас и ти бевме едно
... а сега сме нешто сосема друго.
*Книгите на авторите може да ги најдете на претстојниот Саем на книгата на штандот на Култура (Ана Голејшка) и Антолог (Биљана Стојановска и Ѓоко Здравески).
(О)Милена | Црнобело