Нов роман од Харуки Мураками –Безбојниот Цукуру Тазаки и неговите години на аџилак
Книга за односите меѓу луѓето, за радоста и тагата што произлегуваат од нив
На голема радост на љубителите на убавиот пишан збор, посебно на обожавателите на Харуки Мураками, Издавачкиот центар ТРИ, кој е и негов ексклузивен издавач во Македонија, неодамна го издаде неговиот најнов роман Безбојниот Цукуру Тазаки и неговите години на аџилак.И покрај фактот дека сè уште не ја добил Нобеловата награда, она што е несомнен факт е дека Харуки Мураками едноставно е еден од најпопуларните и највлијателните автори на денешницата. Ако еднаш прочитате едно негово дело, не може да не побарате уште едно од него... а токму најновиот роман Безбојниот Цукуру Тазаки и неговите години на аџилакја оправдува неговата популарност.
Романот зборува за љубовта и пријателството, но и за разочарувањата и болката. Главен лик е 36-годишниот Цукуру Тазаки, архитект на железнички станици, кој се враќа во својот роден град Нагоја во централна Јапонија, во потрага по одговорот зошто неговите четворица најдобри другари пред шеснаесет години одненадеж му соопштуваат дека не сакаат никогаш повеќе ниту да го видат ниту да зборуваат со него. Зошто во средношколските години, па и во првите години од студирањето, две девојки и две момчиња со кои има искрено, силно и интензивно пријателство кое навидум ништо не може да го скрши, одеднаш го отфрлаат од својата група. Длабоко повреден, Тазаки гради ѕид околу себе, не дозволувајќи никому да му се доближи. Живее осамено, изолирано, празно и безживотно, сè додека не ја сретне љубопитната Сара, која ќе го поттурне во едно ново, необично патување. Чувствувајќи ги неговата отсутност и повременото дистанцирање, како и стравот од зближување, за да не биде повторно повреден, таа бара од него многу повеќе отколку тој од самиот себе. И повторно љубовта е таа која ќе го натера да се обиде да го надмине минатото, да собере храброст по 16 години да открие зошто бил отфрлен. Притоа Мураками гради приказни и ликови на тој начин што секој од нас може да пронајде дел од себе во нив.
Ова е роман за внатрешните борби, за преиспитувањето на сопствените вредности, за воспоставувањето рамнотежа со светот, за истрајноста во барањето на вистината. По својата длабочина и психолошко портретирање на главните ликови, овој роман е близок на Норвешка шума, а по прашањето на двојниот идентитет, односот меѓу реалноста и соништата, сеќавањата на минатото, неизвесноста на иднината, како и според авантурата што ја носи секојдневниот живот, потсетува на трилогијата 1Q84. Но сепак е поинаков од нив. И воопшто не е претенциозно да се каже дека можеби е едно од најдобрите дела на овој јапонски книжевен маг. Како што е вообичаено за Мураками, и во овој роман доминираат микросветот на индивидуата, односите со другите и потрагата по одговорите на прашањата што го свртиле животот во друга насока. Во таа потрага исчезнуваат јасните граници и рамки, вистината добива повеќе форми, а времето ја губи својата нормална линеарна димензија.
Исклучителна приказна за соништата и кошмарите, за патувањата назад во минатото. Вистински пример за мајсторство на јазикот и на психолошкото портретирање на ликовите, на нивните битки и премрежија. Ова е роман кој хипнотизира.